Има вода во домовите на Кавадарчани но, проблемот со водоводната линија не е целосно решен
Жителите од високата зона во Кавадарци, од селата Шивец и Возарци денеска добија вода за пиење. Синоќа профункционира премостувањето на водоводната линија кое го направи ЈП Комуналец. Над 3 илјади жители на градот и двете села три дена беа без вода во своите домови. Вода немаше и индустрискиот капацитет Фени.
Причината за прекинатата градска линија е депонијата со шут и смет токму над главната цевка. Големата количина на депонирана земја, стар градежен материјал и смет ја отежнале работата на Комуналци. Тие вчера успеаја да дојдат и времено да го решат проблемот. Тек претстои обезбедување на целосното решение.
Комуналец ќе треба да гради нова водоводна линија која мора да ја заобиколи депонијата. Од јавното претпријатие рекоа дека тоа ќе почнеле да го прават веќе од понеделник.
Инаку, три дена без вода беа над 3 илјади жители во градот и двете села. Граѓаните кои живеат во високиот дел и непосредно до дивата депонија рекоа дека незнаеле за главната градска линија која мине токму под огромниот земјен рид.
Тие открија дека голем бил бројот на несовесни граѓани кои доаѓале од различни делови на градот и тука го депонирале шутот. Сега сите се надеваат дека Комуналец брзо ќе реагира бидејќи не сакаат ниту да помислат а камоли повторно да доживеат да останат без вода на 40 степени Целзиусови./Б.Н.Т