Росоманци сакаат дом со музејска галерија
Со пари од буџетот на општината, во Росоман ќе се реновира старата училишна зграда и ќе се преадаптира во дом со музејска галерија. Ваков објект им недостасуваше на росоманци. Градоначалникот, Стојанче Лазов рече дека е отпочната постапката за изработка на проектот и првичните проценки се дека ќе бидат потребни околу 20 милиони денари за да се реализира проектот целосно.
“Планираме до крајот на годината да се отпочне со реновирање на старото училиште. Ќе се потрудиме со реновирањето да не ја нарушиме автентичноста на објектот. Со домаќинско работење ќе ги обедбедиме потребните финансии“ рече Лазов за Дума.мк.
Деновиве во Росоман се финишира со изградбата на паркот, место кое росоманци го користат за рекреација. Се гради во близина на идниот дом-музеј, а веќе се заврши со партерното уредување. Се работи исто така за проект кој општината го финансира со пари од буџетот. Како што кажа градоначалникот, паркот бил проектиран на 6 милиони денари. Во наредниот период ќе се потрошел и последниот милион денари за осветлување и поставување на реквизитите за игра на најмладите./A.Д