ЦЕФТА одлучува дали Македонија го прекршува договорот со Србија
Заедничкиот комитет на Цефта денеска на вонредениот состанок во Белград ќе одлучи дали Македонија, со мерката за условен увоз на српска пченица и брашно, ги прекршува одредбите од договорот.
Српското министерство за земјоделство очекува ЦЕФТА да упати официјално барање до македонската влада, за укинување на мерката која го ограничува увозот на пченица и брашно од Србија.
Државниот секретар Данило Голубовиќ изјави дека се договориле со македонското министерство мерката за пченицата да се укине до 15 август, а за брашното до 1 септември. Доколку тоа не се случи, Србија се закануваше дека ќе го ограничи увозот на македонско вино и домати.
Според Голубовиќ добиле ветување дека ако во иднина некоја земја неколку години по ред воведува мерки како Македонија и ги прекршува правилата на ЦЕФТА, засегнатата држава има право веднаш да воведе реципрочни мерки, без да бара дозвола од ЦЕФТА.