Во Росоманско овоштарите ги предаваат праските на пребирлите откупувачи меѓу кои има и неплаќачи од лани!
Квалитетните праски се барани а оние кои ќе потфрлат се добро оправдување за откупувачите да ни ја симнат цената,вака за Дума.мк,објасни Тони Јанев од село Паликура кој поседува 4 ха овоштарник со праски од разни сорти.
– Цената не е добра, очекуваме откупувачите да ни платат за два три дена. Не сме задоволни од она што ни го прават. Имаат престроги критериуми, ги одбираат само најдобрите праски додека родот кој е со нешто послаб квалитет не ни го погледнуваат. Се откупува на 15 пункта во Росоманско а праските ги носат во земјите на поранешниот Советски сојуз. Се договоривме да ни платат по 26 денари за килограм но сега кога ни го селектираат производството излегува дека за килограм праски ние добиваме од 13 до 14 денари. Е така небива, не носат во пропаст – рече Јанев.
Овој овоштар како семеен бизнис одгледува праски на 4 хектари површина. Тој соопшти дека мораат да го предадат родот и покрај тоа што некои откупувачи не им платиле за ланските праски. Не го знаеше точниот број но соопшти имиња на земјоделци кои сеуште имаат пари за земање од ланската реколта.
– Откупувачите бараат квалитет а меѓу нив има и такви кои не ни платиле за лани. Годинава град ни ги столчи праскарниците. Сега беше при последното невреме кое го зафати Росоман. Затоа апелирам до надлежните, до Водостопанство Тиквеш,овоштарите да добијат некои поволности односно да се ослободат од плаќање на водниот надоместок за оваа година, – рече Јанев.
Росоманци учествуваат со две третини во вкупното производство на праски во Македонија кое изнесува околу 13 илјади тони.Праската, од најразлични сорти, во овој регион е застапена на околу 1.000 хектари./Б.Н.Т