Кавадарци домаќин на ноќните волци. Започна мото феситвалот!
Со леб и сол за добредојде, со силен звук на моторите, со многу адреналин, синоќа во Моклиште кај Кавадарци започна деветиот интернационален мото фестивал што го организират „Ноќни волци“.
Со ова дружење тие го слават својот деветти роденден, а фестивалот се случува во Кавадарци по повод 70 годишнината од стрелањето на ваташките младинци од бугарскиот фашистички окупатор и 100 годишнината од Тиквешкото востание.
Добредојде на моторџиите гости во Моклиште им посака духовниот хор Хармониси. Беа запалени 12 факели и испукани 12 плутони во чест на стреланите 12 ваташки младинци.
Во Моклиште дојдоа генерациски различни луѓе, сите со желба да ги видат огромните мотори кои произведуваат брзина и силен звук кои го креваат адреналинот. Неможевме да ја добиеме информацијата колку чини најскапиот мотор кој е дојден на забавата во Моклиште, но дечките учесници рекоа дека има мотори кои чинат и по неколку илјади евра.
„Ноќни волци “ е клуб формиран во Москва пред 23 години, се работи за интернационален клуб што го има во десетина држави. На Балканот со официјален клуб е најпрво застапен во Македонија, па во Бугарија, Србија и Романија.
„Во Ноќни волци не кажуваме кој може да биде, туку кажуваме кој не може да биде член. Во Ноќни волци не можат да бидат хронични алкохоличари, наркомани, педофили, наркодилери, луѓе кои се занимаваат со криминални активности, недозволени трговии. Сите оние кои оставаат негативен впечаток во општеството во однос на своето делување, размислување и однесување, не може да бидат членови на клубот. А сите оние пак, кои ги немаат овие карактеристики, доволно е да имаат мотор, што е основен предуслов за членство во еден моторџиски клуб, нормално, и да се има желба да се пристапи кон Ноќни Волци и таа желба сами да ја искажат“објаснува Ленин Јовановски, икона на моторџискиот живот, единствен и неповторлив по својата појава, уникат со своето име, основач и претседател на мото клубот Ноќни Волци во Македонија, претседател на “Слобода Превоз”и претседател на Мотоциклистичката федерација на Македонија. Енциклопедија на две тркала, Ленин вели дека има извозено над 150 илјади километри, што е рамно на два и пол пати околу Екваторот.
Забавата продолжува и вечерва во Моклиште. Ќе има мото дефиле, многу егзебиции и атракции на две тркала. Рок концерт ќе има „Мизар“ , а ќе настапат и многу други бендови. Покровител на целиот настан е Прилепска пивара./А.Д