И децата со посебни потреби ја сакаат уметноста!
“Нацртав пролет. Многу цветови и пчели. Ја сакам пролетта и затоа сакав да ја нацртам. Секогаш сум среќен кога можам да направам убав цртеж“ вака ни го раскажа својот цртеж Славе Барамачев , пресреќен што имал можност да твори.
Тој е ученик во посебните паралелки при училиштето „Страшо Пинџур“ во Кавадарци каде во тек е неделата на уметност. Овде децата со посебни потреби се активно вклучени во создавање на уметнички дела.
Веќе втор ден тие творат со помош на големите уметнички имиња од Кавадарци. Денеска со нив се дружеа ликовниот уметник Ристо Соколов и склулпторот Кирил Мукаетов. Акцијата е во организација на кавадаречкиот Црвен Крст, а ја подржа „Комерцијална банка.“,
Децата беа восхитени од можноста да создадат уметнички дело. Наредени во дворот на училиштето, интерес покажаа сите, а од нивните лица зрачеше желбата да сработат што поубава слика, да употребат што посоодветни бои.
„Трета година по ред ја организираме оваа активност. Годинава во неделата на уметност се вклучија и ликовните уметници од Кавадарци. Дечињата се пресреќни што можат да се дружат со големи професионалци, да научат многу од нив. По оваа активност дечињата ќе бидат вклучени и во изработка на велигденски декорации“ рече дефектологот Зоран Велков./ А.Д