Водата се повлече од викендиците на Тиквешко!
Нивото на вода во Тиквешкото Езеро опадна. Се повлече и од викендиците кои изминативе денови беа под вода. Нивните сопственици велат дека викендот и убавото време ќе го искористеле да ги исчистат.
„Водата ни направи голема штета. Сега треба да исчистиме се што е оштетено.“
На Тиквешко изградени се над 2000 викенд куќи, а 80% од нив се дивоградби. Оние што се поплавени, се наоѓаат на крајбрежјето, непосредно до самата вода каде законски не е дозволена изградба на објекти. ПТоа го знаат сопствениците на викенд куќите и велат дека нема да бараат отштета.
Од „Водостопанство Тиквеш“ велат дека преливот на водата во преливната шахта заврши, но тие и натаму будно ја следат состојбата.
„Веќе четири дена нема никаков прелив преку испустната шахта, што значи дека е намален вкупниот доток на вода која се влева во езерото“ рече техничкиот директор на „Водостопанство Тиквеш“, Илија Темелковски.
Според информациите од претпријатието, моментално нивото на езерото е на 80 сантиметри под максималната кота за прелив и секој час се намалува за еден сантиметар. Во моментов во коритото на Црна Река течат 120 кубни метри вода, што е нормална количина на воден потенцијал, кој се прифаќа и неможе да причини штети./ A.Д