Се конституира Советот на општина Кавадарци!
Денеска се конституираше кавадаречкиот совет. Горица Пеливанова-Вилхелм е избрана за претседател.
Конститутивната седница ја отвори поранешниот претседател, Илија Тренчев, кој им посака на новоизбраните советници успешна работа.
“Се надевам дека и овој совет ќе има доблест да носи значајни одлуки за нови инвестиции, нови вработувања . Кавадарци да биде на прво место“ рече Тренчев и местото му го отстапи на најстариот советник во новиот состав на советот Трајче Грков. Тој продолжи да ја води седницата
Беше формирана Комисијата за верификација на мандатите. Таа заседаваше и ги утврди мандатите на новоизбраните советници, по што тие дадоа свечена изјава дека ќе работат во согласност со Уставот и законите на државата и статутот и деловникот за работа на советот на општина Кавадарци.
Се формира и комисија за мандатни прашања, избори и именување, а потоа следеше изборот на претседател на советот.
Во трката за претседател на советот учествуваа двјца кандидати. Едниот на владеачкото мнозинство, Горица Пеливанова-Вилхелм, а другиот предлог на „Сојузот за иднината“ Милица Андова. Со 13 гласа за претседател на кавадаречкиот совет беше избрана Пеливанова-Вилхелм. За неа гласаа и четворицата независни советници.
„Се надевам дека успешно ќе ги извршуваме задачите и дека оваа институција ќе биде храм на демократијата, институција за почит од сите граѓани“ рече Пеливанова-Вилхелм.
Градоначалникот на Кавадарци, Александар Панов искажа благодарност за соработката со советниците од претходниот состав. Рече дека тие биле пример за успешно работење. На новите советници им посака успешна работа.
„Седниците да бидат што пократки и поефективни. Да се реализират што повеќе проекти. Политиката да биде под интересите на граѓаните. Вашиот и мојот мандат да бидат трајнои забележани со дела за Кавадарци“ рече Панов./ A.Д