Извозот на македонско јагне и годинава помал за 20 отсто!
Се проценува дека годишно Македонија произведува 200 илјади јагниња од кои половината од нив заминуваат во европските земји. Последните информации говорат дека годинава извозот е намален за околу 20 проценти.
Интересно е што оваа година за македонското јагне немаше интерес од страна на традиционалниот грчки пазар. Причина е економската криза која ја зафати оваа земја и неможноста нејзините граѓани да си дозволат јагнешко на своите трпези за време на велигденските празници. Ристо Михајлов, сопственик на кланицата „Серта“ од Кавадарци, која важи и за најголем извозник на јагнешко, вели дека е опадната економската моќ на граѓаните во Грција па затоа сега трговците неможат да продолжат со откуп на стандардните 60 илјади јагниња. Годинава биле откупени и од Македонија извезени само 4 илјади јагниња.
„Околу 60 проценти од македонското јагне замина пред Велигден во странство додека 40 отсто останаа дома. Очекувам дека и за нив ќе најдеме пласман бидејќи засега немаме. Сепак ќе бараме други пазари,можеби ќе успееме на грчкиот или хрватскиот пазар иако не сум многу оптимист“,рече Михајлов.
Неодамна во Неготино,претседателот на Асоцијацијата на земјоделците Ефтим Шаклев изјави дека цената на храната е зголемена за неколку пати додека цената за килограм јагне жива мера, петта година, останала 140 денари.
За јагнешкото месо кое е традиционално присутно на македонските трпези, за Велигден, граѓаните се оптимисти и очекуваат да се продава по пониска цена од сегашната 300 – 320 денари за килограм.
Инаку, статистиката покажува дека државата извезува околу 2500 тони јагнешко месо од кои годишно добива девизен прилив од околу 11 милиони евра. Доколку се направи споредба може да се види дека од година во година извозот на јагнешко месо опаѓа. Лани биле продадени вкупно 291.834 јагниња додека во 2011 година се продале 317 174 јагниња.
Проценките се дека државата располага од 700 до 800.000 овци од разни измешани раси Мерини, Виндербек, Праменка, Цигаја, Аваси.
Податоците говорат во Европа постои тренд на намалување на сточниот фонд на овци според кои најизразено е во Шпанија каде од 25 милиони сега има едвај 19 милиони, во Романија од 19 на 10 и Бугарија од 7 милиони остана само 1 милион овци. Според трговците цената на јагнешкото месо се очекува да расте, а со тоа ќе се зголеми и побарувачката, па оттука Македонија треба да успее да се наметне на пазарот. / Б.Н.Т