Чадиев доби поддршка од СДУ, СДПМ и Титови леви сили!
Објавено: 2 април, 2013, во 14:59 часот
Титовите леви сили, СДУ и СДПМ денеска во знак на поддршка му ги дадоа гласовите на кадидатот за градоначалник на Велес од ВМРО ДПМНЕ, Славчо Чадиев. Тања Петровска, Марјан Спасов и Горан Мишков го повикаа своето членство во вториот изборен круг, во недела на 7 април, да гласа за кандидатот на коалицијата за Подобра Македонија, бидејќи според нив, неговата програма ветува подобар живот за велешани.
Чадиев им се заблагодари за поддршката.
„ВМРО ДПМНЕ е партија која е отворена и слободна за сите граѓани на општина Велес. Во таа насока дозволете ми да изразам голема благодарност за тројцата мои довчерашни конкуренти Тања Петровска, Марјан Спасовски и Горан Мишков кој денеска решија јавно да ме поддржат и да ги дадат своите гласови во вториот круг од локалните избори. Им благодарам на сите кои во мене и во мојот тим како и во советничката група на ВМРО ДПМНЕ и коалицијата за подобра Македонија ја препознаа политичката сила која во наредните 4 години ќе креира развој во Велес,“ рече Чадиев.
Тој е задоволен и од реализирањето на изборната кампања во која рече дека остварил бројни контакти со граѓани а тие изразиле задоволство од предвидените проекти.
„Новиот режим на сообраќај очигледно наиде на добар прием кај моите сограѓани бидејќи гледаат дека нешто се движи и се работи , потоа затворениот градски пазар се покажа како проект кој пројави доста добар интерес, реконструкцијата на гимназијата, на градскиот стадион, снабдувањето со вода секако во високите зони во градот онаму каде што луѓето имаат потреби од подобрување на комуналната инфраструктура се поставија и тие барања односно реализирање на тој дел од програмата заедно со програмата за 2013 која Советот на општината ја донесе,“ рече Чадиев.
Кандидатот на коалицијата За Подобра Македонија ги повика велешани масовно да излезат на избори и во недела на 7 април./Б.Н
