Коцевски: За велешани нов челичен мост, како пешачка зона, од Младински до Градски парк!
Објавено: 2 април, 2013, во 14:00 часот
Изградба на челичен надвозник по кој велешани ќе минуваат од Младински до Градски парк како побезбеден начин наместо преку улицата Алексо Демниевски Бауман и подвозникот на штипска и кочанска пруга.
Овој проект од изборната програма го промовираше денеска кандидатот за градоначалник од коалицијата Сојуз за иднината, Аце Коцевски.
„Мојата визија е на ова место каде што сега се наоѓаме во Младинскиот парк да почнува пешачкиот челичен надвозник кој треба да го поврзе Младинскиот парк со главниот градски парк. Со тоа ќе обезбедиме безбедна врска и главниот парк ќе го направиме да биде достапен за младите, возрасните и спортистите. Очекуваме таму да се случуваат многу убави работи како што сега се случуваат во Младински парк ,“ рече Коцевски.
Тој најави реконструкција на градскиот стадион, штом објектот ќе го превземе локалната власт во Велес, бидејќи интерес покажал странски инвеститор, откако тој ќе стане сопственост на општина Велес, како и на спортската сала Гемиџии.
Освен реконструиран фудбалскиот терен и атлетската патека Коцевски вети изградба и на нов трибински простор од источната страна.
„Ќе го спомнам и проектот кој беше особено поддржан од младите велешани, тоа е проектот Фан плејс кој треба да се реализира на просторот веднаш до отворениот базен за каде планираме да се отвори летна дискотека и кино на отворено за да се зголеми понудата за забава на младите во летниот период,’ рече Коцевски.
Во колку на 7 април велешани му ја дадат довербата за третиот градоначалнички мандат тој на просторот околу централниот градски парк најави изградба на нови тениски терени, лизгалиште, и современ скејт парк./Б.Н
