Управниот суд одлучи по тужбите, се чека само одлуката за Струмица!
Објавено: 2 април, 2013, во 07:14 часот
Управниот суд до синоќа требаше да одлучи по 142 тужби на политичките партии против одлуките на ДИК за првиот круг од Локалните избори.
До сега е познато дека Управниот суд ги одби тужбите на ВМРО-ДПМНЕ за прегласување во Кичево со што потврди дека Фатмир Дехари е новиот градоначалник на оваа општина.
Исто така одбиени се жалбите на опозицискиот СДСМ за прегласување во Аеродром, Штип и Прилеп. Овој суд не ги прифати 35-те тужби на ДОМ и четирите на Демократската партија на Турците за Пласница.
Завршен е и претресот за тужбите на СДСМ по одлуката на ДИК со која се бара да се поништи гласањето на три избирачки места во Струмица. Сега се проверува избирачкиот материјал и записниците од трите избирачки места во општината. Се чека одлуката на судиите, што според најавите ќе треба да биде објавена на веб страницата на Управниот суд, по која ќе знае дали ќе има или нема прегласување во Струмица.
Одлуките, кои Управниот суд треба да ги донесе во рок од 48 часа по поднесувањето на тужбите, се конечни. Во законски утврдениот рок по првиот круг на локалните избори на 24 март беа поднесени 142 тужби, најголем дел 102 од опозицискот „Сојуз за иднината“ предводен од СДСМ.
