Лозарите никако да го наплатат долгот од “Винеа“!
Винарската визба “Винеа“ иако се обврза до 5 март да го исплати долгот кон лозарите за грозјето од 2009,2010 и 2011 година, договорот не го испочитува.
Дознаваме дека многу малку пари се префрлени на сметките на лозарите. Тие се лути што уште еднаш наместо чесен збор, добиле лага од оваа винарија. “Винеа“ должи околу 600 илјади евра за родот откупен од производителите на грозје од 2009 до 2011 година.
И првиот лозар, претседателот на “Агротиквешија“,Љупчо Аризанов потврдува дека динамиката на исплата не задоволува и дека веќе е пробиен договорениот рок за целосна исплата на стариот долг, 5 март.
“Пари нема уште. Секој ден одам на банката за да проверам дали има некое освежување на мојата трансакциска сметка. Но, пари нема. Како што слушам и од други лозари визбата има исплатено незначителни средства“ рече лозар кој ги очекува парите од “Винеа“.
Лидерот на лозарите, Љупчо Аризанов, ги потврди ваквите тврдења и се согласува дека динамиката на исплата не задоволува.
“Очекувам дека во наредните денови ќе се реализира договорот и “Винеа“ ќе им го исплати долгот на лозарите како што беше договорено. Имам информации дека визбата има добиено некои средства кои треба да ги намени за лозарите. Затоа ќе причекаме уште ден-два, а доколку нема исплата, дополнително ќе одлучиме за наредните чекори“, рече Аризанов.
Договорот за исплата на стариот долг беше постигнат по неколкудневните протести и блокади на лозарите на патот Градско – Прилеп кај Росоман. Тие бараа Основниот суд во Кавадарци да ја поништи продажбата, а тоа и се случи бидејќи судот утврдил неправилности при продажбата. Потоа производителите на грозје добија ветување од сопственикот на визбата дека ќе си ги наплатат парите.
Покрај “Винеа“ помал долг кон лозарите имаат и други винарии од Тиквешијата и покрај тоа што лозаропроизводителите ја започнаа новата производна реколта и ги очекуваат многу трошоци за репро-материјали./А.Д