Што според граѓаните му недостасува на Кавадарци?

Објавено: 7 март, 2013, во 09:52 часот

Недостатокот на паркинг простор ги мачи и нервира кавадарчани. Веќе неколку години паркирањето е главен проблем за нив. Зголемениот број на автомобили ја наметнува потребата од дополнителни паркинг места.

И оние малкуте што ги имаше пред општинската зграда со реконструкцијата на градскиот плоштад дополнително се намалија.

Проблемот со паркирањето во градот посебно е изразен за време на пазарните денови (среда, петок и недела) кога владее вистински хаос во централното подрачје. Многу од граѓаните сакаат автомобилот да го паркираат во центарот каде што имаат работа, со цел да не пешачат премногу. Но тоа создава сообраќаен хаос. Проблемот е посебно изразен на “Илинденска“, “7 ми септември“ “Мито Хаџи Василев“ и “ЈНА“.

“Нема доволно простор каде да паркираме. Уште во утринските часови градските паркинзи се полни. Голем дел од просторот за паркирање е отстапен за такси возила. Единствено ни останува да паркираме на паркингот на СП маркет, единствениот простор наменет за паркирање. Му треба на градот итна интервенција во овој дел, за да се намали хаосот“ реагираат граѓаните. Други пак се самокритични и коментираат дека не било добро тоа што дел од граѓаните кои живеат во центарот излегуваат со автомобили само да бидат видени.

“Има и такви кои сакаат да се пофалат со својата кола. Живеат на 200 метри од центарот но излегуваат со својот авотмобил. Или бараат половина час место каде да паркираат или пак ќе го остават автомобилот пред кафетеријата каде го пијат кафето со пријателите, а со тоа го зголемуваат сообраќајниот хаос“ нагласуваат дел од кавадарчани и сметаат дека само доколку се воведе  платен паркинг тогаш секој ќе размисли дали треба да излезе со автомобил.

Од пред два месеци во Кавадарци токму поради сообраќајниот хаос се воведе нов сообраќаен режим. Неколку улици станаа еднонасочни, а други пак од еднонасочно движење се адаптираа за одвивање на сообраќајот во две насоки. Ваквата одлука уследи откако сообраќајниот хаос го детектира и полициското одделение за безбедност на патниот сообраќај при кавадаречката полиција. Оттаму велат дека новиот сообраќен режим првично дава позитивни резултати, но сеуште проблемот постои. Од полицијата апелираат до возачите да покажат поголема свесност и да внимаваат каде ги паркираат своите автомобили. За таа цел веќе подолг период се организираат и едукативни кампањи за возачите.

Време е на избори, па така сите кандидати за градоначалник на Кавадарци во своите програми го третираат паркирањето како проблем. Сите имаат ветување дека доколку ја добијат довербата од граѓаните ќе го решат паркирањето со изградба на катни гаражи и дополнителен паркинг простор. Но, сепак се поставува прашањето дали ваквите ветувања можат и да се реализираат и дали постои реална можност и желба за тоа./ А.Д

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.