Патот Градско-Прилеп со црна точка која убива!
Патот Градско – Прилеп кај селото Фариш во последно време е пат на хоророт, црна точка каде се загубија многу човечки животи.
Зачестени се сообраќајкните несреќи поради бројните кривини но и лизгавиот коловоз особено кога времето е врнежливо. Несреќите се случуваат во комбинација со неприлагодената брзина спрема лошите услови на патот. Возачите коментираат дека кога минуваат на овој патен правец потребно е големо внимание.
“Преку светска банка се направи еден сериозен проект за тој патен правец. Распишан е тендер за санирање на свлечилиштето и црната точка и се надевам дека по завршување на тендерскиот рок би започнало санирање и не би чекале да почне пролетта“рече директорот на ЈП за државни патишта на Македонија, Љупчо Георгиевски.
Последната сериозна незгода се случи пред само три дена. Во директен судир на две патнички возила настрадаа повеќемина. Се судриле комбе “Фиат дукато“ со битолски ознаки и “Форд фиеста“ со кавадаречки регистарски ознаки. Возачот и двајцата сопатници од Фордот кои биле од Росоман се здобиле со тешки повреди и се наоѓаат на лекување на скопските клиники. Полесно повредени биле возачот и четворица сопатници.
Во почетокот на февруари се случи и друга несреќа. Во директен судир загина едно лице.
Ова се примери поради кои државата мора да води поголема грижа за “црните точки“ на македонските патишта. Потребно е нивно навремено санирање но, и осовременување на патиштата бидејќи, секојдневно се зголемува бројот на автомобили и учесници во сообраќајот. Секако дека и возачите треба максимално да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и условите според кои треба да учествуваат во сообраќај./ А.Д