Холографската технологија ќе им помага на пожарникарите!
Објавено: 1 март, 2013, во 14:15 часот
Инфрацрвената холографија може да биде покорисна од камерата што сега ја користат пожарникарите во потрагата по луѓе заробени во опожарени згради, велат италијанските истражувачи.
Tие создадоа систем на слики што користи инфрацрвен ласер за да се пробие во места со густ чад и оган.
Зракот се рефлектира од било какви објекти во таа област, вклучувајќи и луѓе.
Потоа снимените податоци ги декодира читач на слики кој креира 3Д модел на внатрешноста на секоја просторија.
Инфрацрвената камера што сега ја користат пожарникарите бара леќи што можат да бидат заслепени од интензивен оган, вели истражувачот Пјетро Фераро од Националниот совет за истражувања, во Отика, Италија.
„Ни стана јасно дека во рацете имаме технологија што може да ја користат пожарникарите и итните служби на лице место и да гледаат низ чадот без да бидат заслепени од пламенот што е проблем на постоечката технологија“.
Фераро додава дека системот ќе ги лоцира и жртвите на пожар што се движат низ чад.
„Можеби најзначајно е што за првпат демонстриравме дека холографска снимка на жив човек може да се добие дури и кога телото е во движење“.
Други потенцијални апликации вклучуваат мониторинг на дишењето и активноста на срцето, вели Фераро, а следниот чекор на научниците е да ја ја направат технологијата полесно пренослива./Н.Р
Извор: BBC
