Центарот на Велес, Речани и Шорка поплавени, мостовите ризични за минување!
Нови штети за велешките замјоделци од поплавите, додека старите уште не се исплатени!
Крајбрежјето на околните велешки населби, но и центарот на градот утрово осамнаа под вода. Најпогодена е населбата Речани која наликува на големо езеро од излевањето на Вардар. Домот на семејството Славкови е полн со вода, па тие се чудат каде ќе ја поминат ноќта. Уште државата не им ја исплатила оштетата од поплавите од пред две години, сега ги снајде нова мака.
„Како може ние сите долгови да и ги плаќаме на државата така и таа нам треба да ни ги исплати. Нека дојдат да видат дали се живее во мувла, ако можат тука да живеат ќе им ја подарам куќава“ рече Трајанка Славкова.
Шест илјади метри квадратни под фолии се поплавени на имотот на Оцедови. Стравуваат дека морковот, брокулите, марулата, магдонос ќе скапат додека водата да се извади од таму.
„Цела мака пропадна со поплавиве. Секогаш кога ќе надојде Вардар ние трпиме штети. И сега ќе пријавам ама не очекувам да не исплатат, не се надевам веќе на ништо“, рече Андреј Оцедов, земјоделец.
Се договориле да ја тужат државата поради неконтролираното раководење со браните што сметаат дека е причина за поплавите.
„Овој пат не врнеше 24 часа, па се знае од што е толку надојден Вардар. Мора некој да преземе одговорност за ова што ни се случува. Луѓето живеат од ова“, вели Александар Караколев, земјоделец.
Но, освен Речани поплавена е и населбата Шорка и делови од Башино Село. Најкритично е на мостот кај селото кој ноќва беше затворен за сообраќај.
„Реката донесе наноси од стебла кои се закачија на столбовите и имаше опасност да се урне. Но, ноќеска екипи од општината работеа на терен и ги отстранија, по што мислам дека повеќе не постои опасност“, рече Билјана Симова, Дирекција за заштита и спасување.
Утрово слична беше и состојбата со столбовите на Нов мост, но во текот на денот се отстрануваа стеблата. Во центарот на градот поплавени се куќите и кафеаните кои се наоѓаат на крајбрежјето, а водата ја однесе и пешачката патека која ја гради локалната власт. Според надлежните нивото на Вардар во текот на ноќта достигнало 2,8 метри, но полека се спушта./Б.Н.