Брадата е здрава!
Објавено: 26 февруари, 2013, во 09:00 часот
Веќе неколку години наназад брадите се враќаат на голема врата, прво започнаа холивудските ѕвезди, како што се Кристијан Бејл, Кијану Ривс, Џим Кери, Бен Афлек, Џорџ Клуни, Бред Пит, а после славата на турските серии на Балканот, се поголем е бројот на Македонците кои се придружија на „брадестата бригада“.
Имиџот кој прво почнаа да го промовираат дваесетгодишните хипстери сега го прифати и генерацијата на нивните татковци.
Жени не сакаат мажи со „шмиргла“ лице кое гребе, но можеби двапати ќе размислат пред да му кажат на својот сакан да го земе жилетот в рака. Сепак брадата и мустаќите можат да бидат добри за машкото здравје.
Заштита од сонце
Брадестото лице нуди значајна заштита од сонце и рак на кожа, покажаа резултатите од Универзитетот во Јужен Квинсленд. Деловите од лицето прекриени со влакненца имаат за третина помала изложеност на штетните УВ зраци за разлика од ќосите делови.
– И густината игра улога, како заштитен фактор. Колку влакната се подебели, толку заштитниот фактор е поголем.
Друга теорија вели дека витканата брада ги разбива сончевите зраци кои патуваат праволиниски. Кога зракот ќе наиде на виткано влакно, се прекршува и ретко кога стигнува до кожата.
Може да спречи астматичен напад
Мажите кои страдаат од астма која е предизвикана од полен или прашина може да ги користат мустаќите, затоа што тие го намалуваат симптомите. Мустаќите кои навлегуваат во нос можат да го спречат продирањето на алергените низ ноздрите до белите дробови.
Некои експерти, сепак, сметаат дека вака може да се спречи влегувањето на поленот во организмот, но не и прашината, чии честички се микроскопски.
Го забавуваат стареењето
Влакната на лицето со текот на времето можат да помогнат кожата да остане млада и во добра состојба. Влакната ја спречуваат водата да испари од кожата, со што се одржува влажноста, а штитат и од ветер кој ја исушува и го нагризува заштитниот слој.
Ако нанесете хидратантна крема, таа подолго се задржува под брадата и мустаќите отколку на избричената кожа.

Помага против настинки
Силните влакна под брадат и на вратот ја подигаат температурата во вратот и помагаат против настинка. Влакната се изолатори кои греат. Долгата и густа брада, која го „заробува“ студениот воздух е бонус кога мажот се чувствува кревко.
Кога во боли грлото, телото ја подига температурата за да го убие вирусот. Влакната од брадата и вратот даваат дополнителен слој заштита.
Спречуваат осипи на кожата
Кога нема бричење нема ниту непријатни осипи. Бричењето најчесто е главната причина за бактериски инфекции во долниот дел на лицето. Може да доведе до исеченица, создавање поткошни влакна и фоликулитиси (инфекција на фоликулите на влакното)
Сепак, лоша вест…
Научниците докажале дека брадата може да ја рашири инфекцијата, вели др. Рон Кетлер, микробиолог на Универзитетот Кралица Марија во Лондон. Затоа е важно мажите кои имаат брада редовно да ја мијат и да го стрижат тој дел, за кожата под брадата на не се воспали од пораснатите влакна.
Исто така, тие со долги бради треба редовно да проверуваат да на нив нема остатоци од храна.
Е.Н.
