(Обновено) Попушти браната на Слатинско езеро, можна евакуација на населението!
Објавено: 23 февруари, 2013, во 19:28 часот
Од браната која распука попладнево се уште истекува огромна количина на вода, пренесува Лихнид. ком.
Дознаваме дека сите жители од куќите кои се наоѓаат во долниот дел на селото Слатински Чифлик се евакуирани во горниот дел на селото, каде нема опасност од поплавување, а евакуирана била и целата стока.
„Ризикот од рушење на браната се уште е сериозен. Нема промена на ситуацијата од пред неколку часа кога настана целиот проблем. Браната во голема мера е оштетена. Голема е веројатноста браната да се сруши комплетно“, рече во телефонскиот разговор вечерва Митко Темелковски од Центарот за управување со кризи од Охрид.
Извор: лихнид.ком
Во текот на денешниот ден попушти земјениот насип на браната во Слатино, јавува Охрид прес.
Според последните информации од теренот, оштетена е половина од браната, а според интензитетот, можно е вечерва комплетно да се урне.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираат дека засега не постои голема опасност за жителите на овој регион. Тврдат дека на терен се излезени екипи од регионалниот ЦУК кои се обидуваат да го санираат проблемот. Додаваат дека ситуацијата може да се влоши и доколку тоа се случи тие ќе реагираат соодветно.
Неофицијално, населението не е во опасност, а вакви случаи имавме и порано. Последен пат браната попушти во јануари 2011 година кога земјениот насип пропадна на површина од околу 80 квадратни метри.
Жителите на охридско Слатино се плашат за своите ниви, кои може да бидат целосно поплавени и уништени ако продолжат проблемите со браната.
Слатинската акумулација служи за наводнување и е во надлежност на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Вештачката акумулација, направена во 1963 година, се полни со вода од Мраморечка Река. Вкупно собира 1,4 милион кубни метри вода, со кои се наводнуваат 420 хектари земјоделско земјиште во тој крај. Но ова езерце, оддалечено само 35 километри од Охрид, станува сé попривлечна дестинација и за спортските риболовци, кои постојано го посетуваат, а високиот квалитет на водата е предуслов и за развој на туризмот.
Извор : Охрид прес
