Меѓународен натпревар во брзо примање и предавање на морзеова азбука!
Од денеска тројца кавадарчани членови на радио клубот “Искра“ учествуваат на меѓународен натпревар по радиотелеграфија, користејќи морзеова азбука.
Натпреварот започна денес во 14часот и ќе трае се до утре во исто време.
24 часа натпреварувачите ќе останат без сон, без пауза ќе се натпреваруваат со цел да постигнат максимално најдобри резултати. Организатор на натпреварот е Сојузот на радиоаматери од Белгија, а натпреварувачите од Кавадарци, кои ќе си ги одмерат силите и знаењето со радиотелеграфисти од целиот свет, се членови на радио клубот кој работи во склоп на Народна техника.
“Од Кавадарци ќе се натпреваруваме јас како ветеран и двајца мои ученици, млади радио аматери Вељан Ѓорѓиов и Коле Колев. Тие се средношколци, втора година. Се гордеам со нив бидејќи се искачуваат кон мајсторите во оваа сфера“ рече Младен Марковски, секретар на Народна техника Кавадарци и натпреварувач.
За разлика од порано кога знаците од морзеовата азбука се примаа и праќаа со електронски рачни тастери, а сега преку компјутери.
На ист ваков натпревар кој го организираше Романската федерација на радио аматери претставници на радио клубот “Искра“ од Кавадарци освоија бронза на светско ниво, а на натпреварувањето добија златен медал во светска конкуренција во категорија “мала сила“. Учесниците и на годинашниот натпревар се оптимисти дека ќе бидат на врвот. / A.Д