Листите за градоначалници и советници доставени до ДИК!
Објавено: 23 февруари, 2013, во 10:38 часот
Државната изборна комисија ги доби потврдените кандидатски листи за советници и за градоначалници за лоаклните избори од сите општински изборни комисии.
Во трката за градоначалници ќе учествуваат 268 кандидати, од кои 25 независни, а останатите се припадници на политички партии. За членови на општинските совети, пак, се поднесени 350 кандидатски листи, од кои 93 независни.
ДИК утре ќе го одржи жребувањето за утврдување на единствената листа на кандидати за членови на советите на општината, односно Советот на Град Скопје и единствена листа на кандидат за градоначалник на општината, односно Градот Скопје.
На полноќ на 24 февруари односно в недела ДИК го заклучува избирачкиот список во кој се извршени сите промени кои произлегле од јавниот увид отпечатен во вид на изводи. ДИК го потпишува заклучениот избирачки список, односно изводите од избирачкиот список на кој се гласа најдоцна 15 дена пред денот на одржување на изборите, односно на 8 март на полноќ.
До 8 март треба да заврши и задолжителната едукација на членовите на општинските изборни комисии, а од 1 до 21 март општинските изборни комисии ќе организираат, вршат и спроведуваат едукација на членовите на избирачките одбори според Планот и Програмата на ДИК. Изборната кампања започнува на 4 март на полноќ и завршува на 22 март.
