Бреза лаже, тврдат роднините на убиениот старец од Ореше!
Револтирани се од одолговлекувањето на постапката и од однесувањето на поранешниот заштитен сведок кој го промени исказот.
Клучниот сведок во случајот за платеното убиство на Лазо Милошевски од селото ореше лаже, тврдат роднините на убиениот. Убедени се дека нарачателот Ѓоре Петревски и убијците браќата Ѓоргиеви се виновни. Како да му верувам на човекот кој ме гледаше во очи и тврдеше дека овие луѓе се убијците на мојот дедо. Вака пред судот сведочеше внуката на убиениот. Не му верува на поранешниот заштитен сведок Бреза сега, Златко Арсовски кој после пет години го промени својот исказ и наместо како што тврдеше дека обвинетите се виновни, сега вели дека не се.
„Сега се знае од која причина го менува исказот, само поради тоа што му дале пари, инаку јас сум убедена дека се тие. Мене сега ми е исто што тој тврди која е вистината, значи јас знам дека неговата прва изјава е точна, а оваа сега е лажна. Никој жив не може да ме разубеди“, вели Соња Арсовска, внука на убиениот.
Златко Арсовски постојано лаже тврди и синот на убиениот. Револтиран е од навредите за неговиот татко кој пред судот и медиумите ги кажал сведокот.
„Тој постојано кажува некои лаги, многу ми е жал за мојот покоен татко, некој така да зборува, а тој да не може да се одбрани бидејќи е мртов“, вели Ацо Милошевски, син на убиениот.
Одбраната ја разбира нервозата на семејството и вели дека со право е револтирано бидејки полиција од старт лошто ја водела истрагата, а и постапката со заштитениот сведок е целосно незаконска.
„Нејзиното неверување во исказот на заштитениот сведок покажува колку длабоко е отидена целата работа, тоа е она што ние постојано го тврдиме дека МВР ги пречекорило своите овластувања и на незаконски начин дошло до докази“, рече Ѕвонко Давидовиќ, адвокат на обвинетите.
Инаку за нарачател на убиството е обвинет Ѓоре Петревски, а извршители браќата Ордан и Љупчо Ѓоргиеви. Неодамна заштитениот сведок си го откри идентитетот и ја промени првичната изјава во која тврдеше дека Ѓоре му кажал дека го нарачал убиството, а браќата го извршиле. Сега одбраната бара да се земе предвид само втората во која тој велеше дека лажно сведочел бидејќи бил под притисок на инспектори од ДБК. Каков е психолошкиот профил на клучниот сведок и дали може да му се верува на следното рочиште ќе образложат психијатри./Б.Н