Трајков: “Побарувањата на лозарите ќе бидат исплатени“!

Објавено на 10 февруари, 2013 во 11:47

Сопственикот на винарската визба “Винеа“, Горан Трајков,  потврди дека во среда ќе имаат средба со лозарите во Росоман.

На истата се очекува покрај лозарите и раководството на визбата да присуствува претставник и на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Откако судот ја поништи продажбата на визбата, сега стариот сопственик рече дека е подготвен да им го исплати долгот на лозарите до последен денар.

“До крајот на февруари ќе го исплатиме стариот долг кој се однесува на грозјето купено во 2009, 2010 и 2011 година. Но, до крајот на законскиот рок, април годинава ќе го исплатиме и родот за 2012 година.Веќе една третина од ова грозје го имаме исплатено“, рече Трајков во изјава за Дума.мк.

Основниот суд Кавадарци во петокот ја поништи продажбата бидејќи утврди дека при постапката за продажба не се почитувани законските прописи целосно.

“Винеа“ со откуп започна во 2009 година. Тоа е првата година од почетокот со работа и веднаш визбата се соочи со проблем. Нејзиниот сопственик вели дека проблемот со исплата настанал, бидејќи откупиле повеќе грозје од тоа што било планирано, само да не ги вратат лозарите и да не им пропадне родот. Плаќале реална цена за грозјето, а не правеле како другите визби да го обезвреднуваат грозјето на име “неквалитет“. Виното не се продавало,а морале да ги исплаќаат лозарите но, и кредитот во Охридска банка. Токму банката, каде имотот на визбата беше под хипотека,  покрена постапка за продажба.

Лозарите чекаат наплата на побарувањето кое е над 600 илјади евра. Тие пет дена протестираа и го блокираа патот Градско  – Прилеп, кај Росоман./ А.Д

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.