Во Неготино се одржа работилница на тема “Енергетска ефикасност”!
Центарот за развој на Вардарскиот регион во туристичкиот информативен центар на Неготино, денеска, ја одржа првата работилница во рамките на имплементација на проектот “Изработка на тригодишни програми за енергетска ефикасност и годишни акциони планови за нивно спроведување”.
Сега општините ќе изработат програми и акциони планови за заштеда на енергија кои за нив претставуваат потреба и обврска согласно законот за енергетика.
“Проектот е добиен по претходна апликација на Центарот за развој и Бирото за регионален развој но тука не застануваат активностите. Покрај ова добивме уште еден проект од страна на Програмата за развој на ОН што претставува продолжување на проектот. Значи по изработката на програмите и акционите планови за енергетска ефикасност, како дел на меѓуопштинска соработка,во Вардарскиот плански регион ќе функционира заедничко административно тело кое директно ќе работи со оваа проблематика“,рече Александар Бузалковски, раководител на проектот.
Ќе се набави соодветна опрема за мерење на заштедата на енергијата во објектите сопственост на општините, на уличното осветлување и возниот парк.
Центарот за енергетска ефикасност ќе биде сместен во општина Неготино.
„Значи генерално се работи за едно заедничко административно тело кое на некој начин ќе се испрофесионализира, обучи како што треба и понатаму ќе води сметка и за изработка на програмите за енергетска ефикасност меѓутоа и за нивна имплементација согласно чекорите кои ќе бидат предвидени во акционите планови“, рече Бузалковски.
Неодамна градоначалниците донесоа одлука за реализацијата на проектот.
Тие очекуваат да заштедат на ограничени енергетски ресурси на локално ниво.
Освен во Неготино проектот ќе се спроведе и во Кавадарци, Градско, Росоман, Лозово и Демир Капија.
Имплементација на проектот ќе се врши од страна на Центарот за енергетска ефикасност на Македонија – МАЦЕФ во соработка со Центарот за развој на ВПР.
Основна цел на проектот е подобрување на енергетската ефикасност во единиците на локалната самоуправа во Вардарскиот регион и подигнување на јавната свест за нејзиното значење.