Алшар ќе го истражува македонски концесионер!
Македонска компанија за 1,5 милиони денари концесија, ќе врши геолошки истражувања на минерални суровини во рудникот Алшар кај Кавадарци.
Ова го соопшти на прес конференција денеска министерот за економија,Ваљон Сарачини.
Понудата на домашната компанија била највисока од вкупно доставените три на јавниот повик распишан во средината на ноември минатата година преку кој Владата бараше концесионери.
Од трите доставени понуди за „Алшар“, покрај македонската, една е од мешовита компанија со домашен и странски капитал, а една со странски капитал.
“На повикот преку кој за истражување беа понудени 61 локалитет, се доставени понуди за вкупно 49 локалитети. За локалитетите за истражување на неметални минерални суровини се доставени понуди за 17, а за метални минерални суровни за 28 локалитети. Понуди се доставени за сите четири локалитети што беа понудени на повикот за украсен камен, а нема ниту една понуда за концесијата што се нудеше за истражување геотермална вода. Понудите за сите локалитети се од 20 компании од кои девет странски. По основ на надомест за концесија за детални геолошки истражувања ќе се наплатат 44 милиони денари. Од тие пари согласно Законот за минерални суровини 78 проценти ќе бидат приход за буџетот на општината на чија територија ќе се врши концесиска дејност, а 22 проценти за државниот Буџет“ беше речено на прес конференцијата.