Русија ќе забрани палење цигара на јавни места!
Објавено: 17 јануари, 2013, во 08:40 часот
Од следната година за пушење на јавни места ќе се изрекуваат казни во висина од три илјади рубли. Ова е најновата иницијатива на Државната дума. Амандманите во Законот за административни прекршоци, со кои се предвидени овие казни, можат да бидат прифатени во текот на следниве месеци.
„Документите во овој момент се речиси целосно подготвени и мислам дека законот може да биде поднесен на разгледување од страна на пратениците веќе кон крајот на февруари“, смета Сегеј Железњак, претседател на комитетот за зачувување на здравјето.
За пушење на забранети места ќе бидат казнувани како физичките, така и правните лица. Ова значи дека казна ќе плати и пушачот и сопственикот на локалот, во кој не се почитувале правилата.
Притоа, како што дознава Росијскаја газета од извори во Државната дума, списокот на места на кои ќе биде забрането пушењето ќе биде точно определено. На пример, нема да може да се пуши во рестораните, во кафулињата, во медицинските установи, во продавниците, транспортните средства, а исто така и на други места, кои не се наменети и не се специјално опремени за пушење.
„Опремувањето на соодветни места за пушачите ќе зависи од желбата на сопственикот. Во исто време, во влезовите на станбените објекти, на пример, никој нема да го обврзува куќниот совет да прави „соби за пушење“, додаде Железњак.
Големината на казната ќе се движи од 1.5 до 3 илјади рубли поточно од 2250 до 4500 денари. Основата за определување на висината на казната што ќе ја изрече полицаецот, ќе зависи од тежината на прекршокот.
Казните што ќе се применуваат во Русија не се максимални во светската практика. Во Сингапур за нарушување на овој закон би платиле од 5 до 12 илјади рубли, а во Обединетите Арапски Емирати две илјади.
Во Европа, пак, законите за пушачите се многу построги. Така, во Германија или во Велика Британија за палење цигара на јавно место паричникот може да ви биде олеснет и за 1000 евра. Доколку во Италија ви се припуши во ресторан, таквото задоволство ќе ве чини 200 евра, плус дополнителни 2000 евра казна за сопственикот на локалот.
