Нов храм за заштитничката на Кавадарци, Света Петка! (видео)
Се издигнува новиот храм кој кавадарчани и го посветија на заштитничката на градот Света Петка.
Во византиски стил, како што доликува на традицијата, црква се гради. Градбата е стигната до карабина. Црквата посеветена на Света Петка, во новиот центар на Кавадарци, со благослов на МПЦ ја гради локалната бизнис заедница.
{youtube}http://www.youtube.com/watch?v=_fk1RffVnfU{/youtube}“ Технички проблеми немавме, меѓутоа се соочивме со мало отстапување на финансиската конструкција, бидејќи знаете се што се работи рачно зависи од многу работи. Секој материјал што се вградува е претпазливо биран, односно само травентинот кој што сега се вградува во црквата е одбран од Бешиште, тоа е Мариовско. Се наоѓа на 45 километри од Прилеп, каде што е многу макотрпно за транспорт, но е најсоодветен камен за изградба на црква“ рече Митко Јанчев, претседател на иницијативниот одбор за изградба на црквата и сопственик на Кожувчанка.
Црквата ја гради искусната тајфа на мајсторот Ристо Гроздановски од Мала Преспа, Албанија составена од деветмина мајстори специјалисти за ѕидање со камен. Името на црквата не е ничија желба. Едноставно при одлучувањето на кој светец ќе биде посветена е испочитувана традицијата.
“Сакавме малку историјата да ја продлабочиме и сето тоа да се темели на нешто што е претходно добро издржано. Односно дојдовме до заклучок дека во Кавадарци пред изградбата на сегашниот храм Свети Димитрија, постоела црква посветена на Света Петка. Доказ за тоа е и претстолот на Света Петка во црквата Свети Димитрија“ објаснува Јанчев.
Македонецот секогаш е подготвен да учествува во изграбда на храмови. И во најтешки времиња нашите предци граделе цркви и манастири, вели Митрополитот на Повардарската епархија г.Агатангел. Тој е благодарен на бизнис заедницата во Кавадарци што ја возобнови идејата за изграба на нова црква, која пред дваесетина година почна да се гради на истата локација но, тогаш се остана само на темелите.
“Сега доаѓаат убавите работи во црквата, иконостасот, фрескоживописот, иконите. Потоа една крстилна, па другиот параклис. Два парклиса имаме одма до црквата. Едниот ќе биде посветен на Свети Климент бидејќи првото осветување било на темелите на црквата што требаше да се гради а беше посветена на него. Другиот параклис ќе биде на Св. Јован Крстител бидејќи тука сакаме да направиме една крстилна за да можат тука луѓето децата да си ги крстуваат.“ рече Агатангел.
Општината бесплатно и го отстапи градежното земјиште на МПЦ на трајно користење. Изградбата на црквата ја помаѓа бизнис заедницата во градот. „Фени индустри“ и „Кожувчанка“ се меѓу поголемите донатори. Има и граѓани кои со лични донации сакаат да го помогнат довршувањето на верскиот објект со цел во него да се случуваат што поголем број на венчавки и крштевки. Верниците во градот пак рекоа дека храмот ќе им биде многу поблизок до домовите особено на тие што живеат во новиот дел, на излезот од Кавадарци кон Росоман и кон Неготино.
“Ваква црква каква што сега ја градиме во Кавадарци на друго место не се гради. Можеби некаде се гради некое помало црквиче со камен, но во овој стил, византиски, старомакедонски во Македонија немам видено. Затоа ми е исполнета душата и многу сум радосен. Сите можности, сите средства што ги собираме во епархијата, се што ќе остане, вишокот од она што ни е предвидено за секојдневни трошкови го даваме таму“ објаснува митрополитот.
Иницијативниот одбор очекува дека и до крај на изградба на црквата работите ќе се одвиваат без големи проблеми. Може секој граѓанин со свои средства да ја помогне изградбата на храмот.
“Во зимскиот период ќе се работат внатрешни работи, а на пролет ќе се отпочне и со партерното уредување. Нашиот план за комплетно осветување и пуштање на црквата во употреба требаше да биде 2013 , 8 август, самиот ден на Св. Петка. “ рече претседателот на иницијативниот одбор за изградба на црквата.
Очекувањата на сите се дека црквата ќе биде осветена и пуштена во употреба на денот на Света петка 8 август 2014 година.