Се обеси обвинетиот директор на училиштето во Демир Капија!
Утрово Роберт Робертсон бил пронајден мртов во неговата ќелија.
Си пресуди директорот притвореник во Шутка кој беше во затвор поради сомневања дека сексуално злоставувал двајца ученици во неговиот стан. Околу 7 часот утрово го пронашле службениците кои носеле појадок, обесен во ќелијата која ја делел со цимер, кој во истиот момент спиел на креветот. Тој сведочел дека последен пат жив го видел Робертсон рано утрото кога се разбудил за во тоалет. Претходно се однесувал нормално, не покажувал знаци дека има намера да се самоубие тврдел цимерот. Како и секоја вечер читале книги и разговарале.
И од затворот тврдат дека не покажувал знаци на колебање за да си посегне по животот, бил дисциплиниран и со никого немал проблеми. Поради сомнежите телото е предадено на обдукција на судска медицина и таа ќе ги утврди точните причини за смртта на Робертсон и дали навистина се работи за самоубиство како што на прв впечаток наликува.
Инаку летото велешката полиција го осомничи директорот на основното училиште „Димче Анѓелов Габерот“ и му поднесе кривична пријава за полов напад врз дете и обљуба со злоупотреба на службена положба. Во пријавата пишуваше дека четириесет и едногодишниот директор подолго време злоставувал две момчиња на 13 и 15 годишна возраст, а гнасните дејства ги вршел во неговиот стан за што им давал пари и им го поправал училишното поведение. Тие го пријавија и во полиција од каде започна истрагата. Во велешкиот суд сеуште се пишуваше обвинителниот акт против Робертсон кој наскоро требаше да седна на обвинителна клупа.