Се кројат лозјата со винова лоза во Неготинско и Демиркаписко!
Годинава, еден месец порано поради топлата зима.
И покрај тоа што не ги зеле парите од лани, за предаденото грозје, лозарите од општините Неготино и Демир Капија мораат да ги извршуваат секојдневните активности околу одгледувањето на виновата лоза. Тие деновиве го започнаа кроењето на лозниците бидејќи навреме завршените работи во лозјата ќе донесат квантитет и квалитет кај трпезното и винското грозје.
Оваа лозарска операција, која трае се до крајот на месец март, ја извршуваат работниците на земјоделските претпријатија Црвени Брегови, Тиквеш, Дуброво и Венец.Иако овие неколку денови е пониска температурата засега кај лозата нема оштетување, бидејќи во Тиквешкиот регион температурата засега не паднала под 12 Целзусови степени.
Освен Земјоделските претпријатја и индивидуалните лозари од двете општини кои одгледуваат винова лоза ја започнаа резидбата на виновата лоза. Годинава тоа се прави еден месец порано од традиционалното прво закројување кое се случува на 14 февруари, во чест на верскиот празник Свети Трифун. На тој ден масовно се посетуваат плантажните лозови насади и на симболичен начин се закројува, со благословот за родна година.
Деновиве покрај кроењето се заменуват старите дотраени бетонски и дрвени столбови и се поставува нова метална жица. Доколку и во наредниве зимски денови не се појават ниски температури, со добра обработка, губрење,заштита и наводнување, годинава лозарите планираат да произведат над 45 милиони килограми винско грозје за потребите на домашните винарски визби, велат лозарите од Неготинско и Демиркаписко.