Еколошката иницијатива за дисциплинирање на загадувачите заглави во институциите!
Владата побрзо да се изјасни, бараат подносителите.
Сеуште е неизвесно дали тешките загадувачи, наместо како досега, своите производствени погони ќе бидат задолжени да ги градат на поголемо растојание од 5 км од градовите и селата во Македонија. Иницијативата за измени и дополнување на Законот за животна средина ја прифати претседателот на Собранието Трајко Вељановски но по неа сеуште не се изјаснила Владата. Писмото не стигнало од Парламентот во Владата а по него треба да се изјасни премиерот Никола Груевски и потоа да започне собирањето на потребните 10 илјади граѓански потписи. По еден ипол месец сеуште до нас, поднесувачите на иницијативата нема одговор од Владата, рече претседателот на ЕД „Вила зора“ д-р Ненад Коциќ.
„Со тоа се крши уставното право да се поднесе или поддржи граѓанска иницијатива каква што е во моментов нашата. Со неа од понатамошно загадување сакаме да ги заштитиме граѓаните кои живеат на територијата на целата држава“ рече д-р Коциќ.
ЕД Вила зора е едно од четирите граѓански здруженија, Еко од Скопје , Молика од Битола и Грашница од Охрид, кои ја поднесоа оваа иницијатива. Тие денеска реагираа бидејќи секое одолговлекување на постапката значи и помалку време за собирање на граѓанските потписи. Според законот времетраењето на постапката е три месеци. Во тој рок се поднесува иницијативата, се чека на изјаснувањето на претседателот на Собранието и на Владата и се собираат потписите на граѓаните.
„Во колку во разумен рок не се спроведе оваа наша иницијатива ќе мораме да бараме други начини за остварување на граѓанската иницијатива. Значи ќе мораме вон институционално да ги собираме потписите ако државата не може да ни овозможи тоа да биде преку нејзините институции. Потоа ќе треба да докажуваме дали легално сме ги собрале“ рече д-р Ненад Коциќ.
Кај екологистите од Велес, Скопје, Битола и Охрид сеуште има надеж дека Владата во најкус можен рок ќе се изјасни по нивната иницијатива. Тие упатија апел до премиерот Груевски тоа да го стори поскоро во интерес на граѓаните на Македонија.