И велешките пензионери протестираа!
Пред зградата на СДСМ бараа опозицијата да покаже разум и да го изгласа Буџетот за 2013-та.
Пензионерите од Велес, како што рекоа заедно со здруженијата од Градско и Чашка, соопштија дека протестираат против блокадата на комисијата за финансирање и буџет чиј што претседател е пратеникот од Велес, Марјанчо Николов.
Соопштија дека се плашат оти 8 илјади пензионери ќе останат без пензија откако опозицијата почнала да го спречува донесувањето на Законот за зголемување на пензиите и социјалните надоместоци. Тие сметаат дека се почнало со опструкцијата на пратеничката Цветанка Илиева која како претседател на комисијата за труд и социјала.
„ Сега со одолговлекувањето на донесувањето на Буџетот за 2013 година, под диригентство на нашиот Марјанчо можеби инструиран од повисока инстанца се заканува опасноста да бидат егзистенцијално загрозени најранливите категории граѓани: пензионерите кои прехрануваат 700.000 граѓани,“ рекоа пензионерите во Велес. Му порачаа дека им било доста од демагошки и дволични изјави како што биле: Има време можно е да се реши и последниот ден во годината!?“
На новинарско прашање зошто не сакаат зголемување на пензиите од 1-ви јануари туку од 1ви март пензионерите кои протестираа рекоа дека тоа не било остварливо и логично.
„Бараме СДСМ пред се Марјанчо Николов да се вразуми и да не биде заложник на политиката на Бранко Црвенковски и да го работи она за што сме го изгласале и сме му ја дале нашата поддршка за да не претставува, рече Љубе Ѓорѓиев, претседател на Здружението на пензионери на Велес.
„Од нашите пензии ги гледаме семејствата и децата, СДСМ да не си поигрува со судбината на луѓето“, рече пензионер.
Пензионерите најавија дека се подготвени да протестираат и пред Собранието на Република Македонија.