Словенија го избира петиот шеф на државата !
Словенците избираат на кандидатска листа на која се наоѓаат актуелниот претседател Данило Тирк, поранешниот премиер Борут Пахор и пратеникот во Европскиот парламент, Милан Звер.
Актуелниот претседател Данило Тирк, е правник и е независен кандидат зад чија кандидатура застанаа опозициската партија Позитивна Словенија и Партијата на словенечките пензионери.
Опозициската Социјалдемократија го поддржува дипломираниот политиколог Борут Пахор.
Докторот на политички науки, Милан Звер е поддржан од актуелниот премиер Јанез Јанша, Словенечката демократска партија и Нова Словенија.
Аналитичарите веќе соопштија дека станува збор за мртва трка во која ќе одлучи секој глас што ќе го дадат граѓаните како и дека новиот претседател нема да биде познат по завршувањето на првиот туку по вториот круг на гласање што ќе се одржи во декември.
Во анкетите, направени пред неколку месеци, Тирк имаше поддршка од 40 до 45 отсто и најголеми шанси за уште еден мандат. Тогаш Пахор го поддржуваа 30 отсто, а Звер околу 25 отсто од Словенците.
Потоа ситуацијата претрпе промени во корист на Пахор.
Граѓаните на Словенија се чини дека сакаат промени со главен приоритет како земјата побрзо да излезе од економската криза.
Правото на глас на петите претседателски избори го користат 1,7 милиони граѓани. Се очекува излезност од околу 66 отсто, додека 22 отсто од бирачите се неопределени