По училиште, наместо на улица – на играорна и дружба со топката!
Многу основци од Кавадарци пронајдоа начин како корисно да го исполнуваат слободното време, надвор од училишните клупи.
Идеите ги добија откако спортските клубови, културно уметничките друштва, Народна техника, музичкото училиште и невладините организации им ја презентираа својата понуда на активности во рамки на вториот саем на вон училишни активности.
Учениците ги слушаа понудите, а потоа се одлучија.
Димитар и Марија, ученици од ООУ “Страшо Пинџур“, рекоа дека веќе донеле одлука. Ќе станат членови на културно уметничкото друштво за да ги изучуваат македонскиот мелос и фолклор. Тие во себе препознаа музички афинитети.
Без конкуренција, спортските дисциплини, беа најпривлечни за учениците. Кошарката, ракометот и тенисот ќе им го исполнат слободното време на многу петооделенци кои го посетија саемот.
Креативните работилници кои ги организираат невладините организации исто така привлекоа внимание. Учениците интерес покажаа и за фото техника, ракетно и бродо – моделарство како и за радио – телеграфија. Повеќемина основци се зачленија во Народна техника.
Организатор е Општинскиот совет за локална превенција од малолетничко претстапништво, а целта на ваквата презентација е што поголем број ученици да се насочат кон активности со кои ќе го исполнат слободното време и ќе побегнат од она што им го нуди улицата, посебно што ќе се оттргнат од денешните пороци кои убиваат многу млади луѓе.
Саемот на вон училишни активности годинава се одржа по втор пат во градската сала “Партизан“. Организаторот вели дека минатата година добил позитивно искуство и дека многу ученици од основните училишта биле насочени кон креативност, спортување и изучување на разни вештини.