Премиерот и Владата на отчет пред велешани
Во салата „Бели Мугри“, премиерот Никола Груевски со скоро цела Влада беа на средба со велешани.
Премиерот ја отвори трибината организирана од ВМРО ДПМНЕ, и како што рече, значела реализација на обврска што ја зеле уште во 2007 година кога ветиле дека најмалку по еднаш годишно ќе разговараат со граѓаните и ќе ги слушнат нивните мислења и предлози.
„Сите реформи за година и пол ние ги завршивме откако дојдовме на власт, односно сите оние што претходната Влада не можеше да ги заврши. Така добивме статус на земја што ги исполнува сите услови, а поканата е одложена поради прашањето со јужниот сосед. Исто така, во 2009 година успеавме да ги елиминираме визите, нашите граѓани сега патуваат без визи низ Европа и првпат добивме позитивен извештај за реформите и препорака за почеток на преговорите. Таа препорака веќе четири пати се обновува, а оваа година добивме најпозитивен извештај од Европската Комисија и четврта по ред многу сериозна препорака од ЕК до Европскиот Совет велејќи дека овојпат Комисијата бара без одлагање на Македонија да и се додели датум за почеток на преговорите и да ги започне затоа што земјата заслужи, затоа што земјата и Владата правеа реформи со кои имаат сериозен напредок на сите полиња на општественото живеење, рече Груевски.
Што сработиле и кои проекти ги реализирале, на велешани, им соопштија Вице Премиерот Владимир Пешевски и Министрите за здравство Никола Тодоров, за труд и социјална политика Спиро Ристевски и за земјоделство Љупчо Димовски.
Изградбата на делницата од автопатот од Демир Капија до Смоквица, Потпретседателот на Владата Пешевски,ја издвои како најголема актуелна инвестиција на Владата во изградбата на патна инфраструктура во државата. Меѓу другото соопшти дека ќе се афалтираат и патиштата до секое населено место за да се намали миграцијата од село во град.
За реновирањето на велешката болница и нејзиното опремување со најсовремени дијагностички апарати, зборуваше министерот Тодоров. Тој за добар пример на македонското здравство ја посочи специјалната болница во Јасеново реновирана со сретства на министерството и вети нови возила за итната медицинска помош како и вработувања на медицински персонал.
Државата ќе продолжи да го субвенционира земјоделството, вети министерот Димовски. Тој ги потенцираше 250-те милиони денари од 2010-та и ланските од 261 милион денари, пари, што ги добиле велешките земјоделци.
И градоначалникот Горан Петров ги соопшти реализираните проекти во Велес, дел со пари на општината а дел со финансиска помош на Владата. Наскоро ќе започне промена на преостанатите електрични светилки во градот со економични. До март очекувам дека ќе заврши изградбата на водовод до езерото Младост“ рече Петров.
Во прашањата што велешани ги поставија на Премиерот и министрите најчесто беше баран одговор за нивно вработување а пензионерите го прашаа градоначалникот Горан Петров кога бесплатно ќе почнат да се возат во градскиот превоз во Велес.
