Македонските екологисти бараат: Државата да разграничи, каде ќе димат оџаците на тешките загадувачи!

Објавено на 17 октомври, 2012 во 10:51

Да се забрани изградбата на тешка индустрија во близина на населени места и заштитени подрачја во Македонија. Да се спречи стравот на граѓаните од изградба во нивна близина на производствени погони на незагадувачка индустрија. Инвеститорите да добијат поддршка и сигурност за своите инвестиции со кои нема да ја загадуваат околината и загрозуваат здравјето на луѓето. Никогаш повеќе на постоечката локација да не се рестартира Топилницата во Велес. Ова се клучните предлози на иницијативата на велешките екологисти од Вила зора, на Еко од Скопје, Молика од Битола и Грашница од Охрид со која бараат дополнување на Законот за животна средина.

 

Претседателот на велешкото еколошко друштво Вила зора, др Ненад Коциќ рече дека иницијативата е добронамерна за граѓаните и за инвеститорите. „Еднаш мора да се стави крај и да се знае на која оддалеченост од градовите ќе може да се градат и да работат тешките загадувачи. Ако фарма или отпад треба да биде надвор од населено место не можеме да сватиме како еден тежок загадувачи капацитет може да произведува во градовите , во непосредна близина на граѓаните, во населени места или заштитено природно подрачје во Република Македонија“

Екологистите ќе бараат нивните предлози да бидат вградени во членот 20 на Законот за заштита на животна средина. Иницијативата ќе биде ставена на јавен увид на граѓаните од кои се очекува поддршка  со личен потпис на формулар во  подрачните единици на министерството за правда. Екологистите побараа поддршка од граѓаните.

„За поднесување на оваа иницијатива потребни се 100 потписи а ние ќе собереме најмалку 500-тини. Претходно со иницијативата ќе ги запознаеме граѓаните а ќ ја презентираме и пред надлежните институции, министерствата и пратениците. Сепак ние сме граѓански здруженија и наш приоритет се граѓаните значи нивната поддршка преставува приоритет во нашата работа, “ рече др Коциќ.

Собраните потписи и иницијативата ќе му биде испратена на Претседателот на Парламентот Трајко Вељановски. Тој ќе одлучи дали иницијативата заслужува да влезе во собраниска процедура. Во меѓувреме екологистите, од четирите градови, ќе ја разгледаат и можноста за дополнувања во Законот за просторно планирање.

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.