Хуманоста нема граници
Ковинци пристигнаа во Кавадарци и со себе ја донесоа сета своја хуманост, добронамерност и подготвеност да ја даруваат црвената течност која живот значи.
Дека хуманоста нема граници, овие добри пријатели од соседна Србија на Црвениот Крст во Кавадарци повторно му помогнаа да ги зголеми крвните резерви во градот. Соработката трае девет години и во нејзини рамки Кавадарчани при секоја посета на Ковин даруваат крв додека овие пријатели го прават тоа кога доаѓаат во градот на лозарите. И годинава три дена траеше посетата на Ковинци во Кавадарци. Гостите прво што направија влегоа во салата на општината и по поздравувањето со домаќините ја подадоа својата рака од која лаборантите ја извадија драгоцената течност. Интересот за крводарителската акција беше голем и од страна на Кавадарчани.
Првиот градски хуманитарец Димитар Каракулев е категоричен велејќи дека кога хуманоста е во прашање тогаш граници не постојат.
Собраните крвни единици се добредојдени за Институтот за трансфузиона медицина. Според д-р Атанас Трајков, традиционалната акција секогаш дава одлични резултати. И годинава гостите од Ковин беа сместени во домовите на Кавадарчани. Тоа е стара пракса која говори за гостопримството на жителите во градот на лозарите, на што пак возраќаат Ковинци, кога тие се домаќини. Независно дали се случуваат во Кавадарци или во Ковин, средбите се пријателски, полни со дружење и спортски натпревари. Тие започнаа и секоја година се случуваат по два пати, благодарение на успешната соработка на двете организации на Црвениот Крст, кои беа иницијатори на збратимувањето на Кавадарци и Ковин.