Има доволно вакцини но нема тајфуни за разладување во пунктот за масовна имунизација во Велес
Еден граѓанин колабирал а останати се жалат на жештина и загушлив воздух, што вчера и денеска им го отежнува примањето на вакцина на останатите граѓаните на пунктот за масовна имунизација во Велес. Системот за вентилација што постојано работи во спортската сала на ССОУ „Коле Неделковски“, не е доволен на овие високи температури, да обезбеди доволно разладување во просторот во кој дневно се вакцинираат и над 700 граѓани. Дел од нив велат дека особено е тешко да се прими вакцина во периодот од 12:00 до 17:00 часот, бидејќи објектот е под сонце во текот на целиот ден и внатре е претополо.
-Се вакцинирав во 16:00 часот и чуствував дека внатре нема доволно воздух. Навистина беше топло и освен стресот којшто е нормален се обидував колку што можам да останам присебна и да ја примам вакцината. Навистина е претопло и потребно е дополнително раздалување, рече велешанка.
-Таму постојано гледавме дека работи системот за вентилација но тој не е доволен на овие пеколни горештини да обезбеди пониска температура. Ние пациентите коишто примаме вакцина се задржуваме половина час, но таму исто така, видов како се препотени и медицинските лица коишто работат во две смени, значи од утро до мрак. Сметам дека мора да се постават клими или тајфуни. Без нив ни нам на пациентите ниту на медицинските лица ќе им биде полесно, рече велешанец.
Прашањата на граѓаните му ги поставивме на Градоначалникот на Велес, Аце Коцевски, кој се согласи дека деновиве кога температурите се енормно високи дека е тешко може да се примаат вакцини. Исто така и дека за да се обезбедат услови со разладување само со вклучена вантилација што салата ја има.
-Веќе утре наутро закажавме состанок со директорот на Здравствен дом Велес, со цел да ја анализираме ново настанатата состојба и да бараме решение. Граѓаните се во право и условите внатре во салата не можат да бидат идеални само со постојано вклучениот систем за вентилација на воздух, додаде Коцевски.
Пунктот за масовна вакцинација во Велес е под надлежност на Министерството за здравство. Општината и бизнис заедницата сами се организираа за да создадат услови за вакцинирање на граѓаните од Велес, од Чашка, од Градско и од Лозово со цел да не патуваат до другите вакцинални пунктови туку да се отвори овој пункт во Велес.
Но бидејќи тој е под надлежност на Министерството за здравство нему му треба помош од оваа државна институција. Дума.мк со маил ќе побара одговор на прашањата на граѓаните или поконкретно ќе праша дали министерството за здравство сега ќе ги обезбеди потребните тајфуни за да продолжи да тече процесот на имунизација кога веќе пристигнаа поголеми количини на вакцини во државата.
Убавка Јаневска