Филипче: Висок процент од заразените се невакцинирани
Висок процент од заразените се невакцинирани, а се уште сме далеку од колективен имунитет од 80 проценти, вели министерот за здравство Венко Филипче.
-Треба граѓаните да се свесни, дека ако не се вакцинираат, може да завршат во болница и да бидат со тешки компликации. Ако се соочиме со нов бран, ќе има рестрикции од септември. Не можеме да страдаме, ако некој не се вакцинира. Висок процент од заразените се невакцинирани, а се уште сме далеку од колективен имунитет од 80 проценти, истакна Филипче.
Слаба заинтересираноста на граѓаните за вакцинирање, покажуваат податоците што ги објави Министерството за здравство.
Најмногу вакцинирани има во Кавадарци – 43.5%, Охрид – 42.9% и Гевгелија – 41%, додека пак најмалку има во Дебар – 17.3%, Тетово – 17.1%, Кичево – 15.8%
Од минатата недела почна и вакцинацијата без закажан термин, а од вчера и имунизацијата на децата од 12 до 17 години. Министерството за здравство соопшти дека на територијата на цела држава една доза вакцина досега примиле 27,5 отсто од граѓаните.