МОН: Учебната година започнува на први септември, досега вакциниран околу 60% од кадарот
Министерството за образование и наука интензивно се подготвува за започнување на новата учебна година од 1 септември, во услови на пандемија преку пристап со кој ќе се обезбеди непречено одвивање на наставата, но и заштита на јавното здравје. Дополнително информираме дека досега од вкупно 31.447 лица вработени во училиштата, вакцинирани се околу 60% и апелираме наставниот и останатиот кадар во училиштата да се вакцинира со цел да го заштитат сопственото, а со тоа и здравјето на најблиските.
За непречен почеток на новата учебна година системот за образование е подготвен за три сценарија кои се усвоени на владина седница. Првото за кое воедно и се залагаме, затоа што е од најдобар интерес на учениците и нема подобра алтернатива е целосно отворање на училиштата и сите ученици да бидат во клупите, согласно сите усвоени протоколи. Второто сценарио предвидува наставата да биде како и во 2020/2021 која што се покажа како успешна и ефективна – дел од учениците да посетуваат настава со физичко присуство под посебни протоколи, а дел да реализираат онлајн-настава и третото сценарио предвидува ротирање на учениците на една недела со физичко присуство во училиштата, за да нема нивно целосно затворање.
Кое од трите сценарија ќе се применува ќе зависи од епидемиолошката состојба за што одлука ќе донесе Комисијата за заштита од заразни болести.
За оваа намена, МОН во соработка со Комисијата за заштита од заразни болести ги изработија Планот за одржување на наставата во учебната 2021-2022 година и протоколите за постапување на основните и средните училишта и истите пред повеќе од 1 месец беа усвоени од страна на Владата и веднаш доставени до сите училишта, а воедно и јавно објавени на www.mon.gov.mk.
Во меѓувреме, МОН заедно со локалните самоуправи и директорите на училиштата е во интензивна комуникација и се подготвува за сите три сценарија и за успешен почеток на новата учебна година на 1 септември.