(Видео и фото) Вилазорски ја промовираше јубилејната збирка афоризми, во подготовка и книга со епиграми

Во Ликовниот салон во Велес, синоќа беше промовирана десеттата книга на велешкиот сатиричар Димитар И. Вилазорски, насловена „Ќе видите вие што е тоа мрак!“. Делото претставува богата збирка од околу 500 афоризми – дел повторно објавени од неговите претходни книги, а дел досега необјавени во книга, но веќе објавени во сатирични списанија и дневни весници.
Насловот на книгата е инспириран од еден од највпечатливите афоризми: „Го слушам водачот како си шепоти во себе: Ќе видите вие што е тоа мрак!“, преку кој Вилазорски на препознатлив сатиричен начин ја коментира современата општествено-политичка реалност.

На истата промоција беше претставено и делото „Друштво на бесмртните афористичари“, во кое Вилазорски е еден од застапените автори.
Во видео изјава за Дума.мк, тој најави дека многу наскоро ќе излезе и неговата единаесетта книга – прва што ќе вклучува и епиграми, со што авторот прави исчекор кон нова поетска форма во сатиричниот жанр.
Како свој најчитан и најцитиран афоризам тој го издвои: „Убавите сништа ние можеме само да ги сонуваме“.
Вилазорски на крајот изрази посебна благодарност до сите кои му дале поддршка во реализацијата на ова издание, меѓу кои Панче Кумбев и Божана Ќулавкова од Радио Голди како и многу други.
Стефани Манева
