Се одбележуваат 111 години од раѓањето на Мајка Тереза, скопјанката прогласена за светица
Пред 111 години на денешен ден е родена Мајка Тереза (Агнеса Гонџа Бојаџиу). За неа е запишано дека таа стана добитник на бројни признанија и награди за исклучително хумано ангажирање во згрижување на најсиромашните од сиромашните, поради што ја доби и Нобеловата награда за мир.
Мајка Тереза почина на 5 септември 1997 година, во Куќата на милосрдието што таа ја основа во Калкута. Крајот на животниот пат на еден од најголемите алтруисти на столетието ги трогна сите, најмногу оние кои ги почувствувале хуманоста и бенефициите од нејзините активности гладните, бездомниците и болните.
Таа беше скопјанка која поголемиот дел од животот го помина во Индија, во земјата која е втора по бројот на жители во светот и седма по географска големина чиј главен град е Њу Делхи. Како дом на прастарата цивилизација на индиската долина и област на историските трговски патишта и пространи империи, индискиот потконтинент бил идентификуван со своите комерцијални и културни богатства во поголемиот дел од својата долга историја.
За Мајка Тереза како млада скопјанка и за нејзиниот живот во Скопје во времето пред почетокот на Првата светска војна многу малку е напишано, а податоците се често непрецизни и нецелосни. Повеќегодишните истражувања за животот на Мајка Тереза, односно Гонџа Бојаџиу, првин во Скопје, а потоа во Калкута, даваат една посеопфатна слика за детството и младоста поминати во Скопје и за нејзината необична и несебична животна определба втемелена во Индија и проширена во светот.
Погребот на Мајка Тереза се изврши во Калкута, каде по богослужбата во црквата „Свети Томас”, всушност, започна погребната церемонија. Имeно, колата со ковчегот на Мајка Тереза влезе во преполнетиот затворен стадион Нетаџи, кој, иако преполн со илјадници лица и високи државни функционери, кралски и дипломатски претставници, за момент се исполни со тишина, како израз на исклучителниот респект кон животот и делото на големиот хуманист кој целиот свој живот го посвети на сиромашните, на кои им подари добрина и љубов.