Дечињата од детската градинка во Велес учат за детските права (ФОТО+АУДИО)
Секоја година првата недела од месец октомври е посветена на детето, нивните права но и обврски. Детската градинка „Димче Мирчев“ од Велес преку различни форми на игровни активности им ги доближува правата на дечињата згрижени во девет клона но и нивните обврски кон семејството, кон другарчињата, природата и животните. Според директорката Маја Велиновска, во изминатите четири и во текот на утрешниот ден се спроведуваат различни активности посветени на неделата на детето.
– Понеделникот го посветивме на цртањето и ликовното изразување, кадешто преку цртеж децата можеа да ги искажат своите права меѓутоа и своите желби и потреби. Во вторникот спортуваа, другаруваа, се натпреваруваа, го надоградуваа нивниот натпреварувачки дух, научија како заедно да соработуваат и да си помагаат. Вчера учевме за екологијата и заштита на природата, па во нивните еко занимални којшто ги имаме направено на отворено имаа можност децата со различни природни материјали да творат, да учат, да прават изработки од различни материјали и самите да доаѓаат до сознанија за причинско последничните врски помеѓу предметите и појавите што во оваа возраст се многу битна работа. Исто така вчера успеавме да реализираме содржина пикник или излет во природа. Го искористивме топлото време за да ги прошетаме децата на езеро Младост за да можеме да го посетиме прекрасниот парк којшто неодамна беше изграден, поточно паркот на срцата. Навистина децата поминаа еден воодушевувачки незаборавен ден со игри, рекреација и дружење, додаде Велиновска.
Дечињата згрижени во оваа детска установа во Велес, најчесто своите права ги поврзуваат со семејството и грижата на родители, како и на бабите и дедовците, умеат да ги спознаат универзалните права на здравствена заштита, образование и другарување. Нивните воспитувачи успеаа да им ги доближат и обврските кои во суштина се однесуваат на помош во домот, заштита и чување на природата и исполнување на сите обврски коишто ги добиваат од родителите и воспитувачките.
Последната активност на ОЈУДГ „Димче Мирчев“ ќе биде реализирана во текот на утрешниот ден кога децата преку песни и ноти ќе имаат за задача да ја искажат својата радост и воодушевеност.
Стефани Манева