Светиниколци ги „размрдаа прстите“ и уредија четири јавни простори во градот

Објавено на 30 мај, 2018 во 16:21

Уште еднаш се обединија жителите на Свети Николе во разубавување на градот и масовно излегоа на повеќе локации за да се вклучат во иницијативата „Мрдни со Прст“. Во вториот циклус на акцијата градот се разубавуваше нa четири локации СОУ „Кочо Рацин“, Плоштад „Илинден“, Црква „Свети Николај“ и ООУ „Кирил и Методиј“. Граѓаните практикувајќи го волонтерството ги уредија четирите простори и ги подобрија условите за живот во локалната заедница.

– Иницијативата ја реализираше Организацијата на жени на Општина Свети Николе, која секогаш поддржува одржливи идеи во кои ќе можат активно да се вклучат поголема група на граѓани подготвени директно да придонесат за позитивни промени во секојдневието на својата општина. Така беше и овој пат. Во самата акција обновивме преку 30 клупи, со смена на бетонските конструкции и поставени нови кадрони, за потоа да бидат бојадисани. На фрекфентните места во центарот на градот се поставени 10 корпи за отпадоци за зачувување на природата, а воедно дел од граѓаните беа ангажирани и во собирање на отпадоци, рече претседателката на Организацијата на жени, Даниела Панева.

– Граѓаните на општина Свети Николе заслужуваат поубав град, заслужуваат повеќе делови од градот да бидат разубавени и да имаат свое место за рекреација, за одмор и за дружење. Со вклучувањето на голем дел од граѓаните како волонтери, на граѓански организации и здруженија реализацијата на акцијата помина успешно. Апелирам до сите граѓани во градот да ја чуваат и да се грижат за својата околина, рече градоначалникот на Свети Николе, Сашо Велковски.

Организацијата на жени, како организаторот на сите акции на „Мрдни со Прст“! им се заблагодари на сите граѓани кои се одзваа и како волонтери придонесоа за разубавување на градовите и населените места, за зачувување на животната средина и подигнувањето на квалитетот на живот во локалните заедници.

Лорета Петровска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.