Хуманоста и пожртвуваноста на здравствените работници во карикатурите на Миле Манчевски Мил-ман
Велејќи дека се наоѓа во град, на локација кадешто се присутни граѓани, добри познавачи на каракитарута, хуморот и сатирата, познатиот и признат македонски карикатурист и сатиричар Васил Толевски вчеравечер на изложбата на својот колега Миле Манчевски Мил-ман оддавајќи му на Велес лично признание поради придонесот и афирмацијата на уметничкиот израз карикатура како и на бројните автори а меѓунив водечки токму Милман рече:
– Да се направат 1.200 карикатури на тема „Ковид-19 и превенција од вирусот“, бидејќи јас со авторот сум од неговите почетоци, прво не можев да поверувам. Но излезе дека Миле на којшто дологодишно го познавам, цели 40 години, јас му се воодушевувам како сега, во моемнтов, исто така и на последните негови авторски дела, на неговите ангажмани затоа што тој прерасна во македонски бренд на карикатурата. Она што порано беше Дарко Марковиќ, сега рамо до рамо со него стои токму Миле Манчевски Мил-ман. Мислам дека Велес треба да се гордее со него, додаде Толевски.
По извонредната интерпретација на писмо од лекар, сведок за личните и професионални жртвувања на здравствените работници во време на пандемија на Ковид-19 од страна на актерката Слободанка Чичевска, следеше и интерпретација на писмените изрази на благодарност за авторот на изложбата и неговата поддршка за вработените медицински работници во институциите во градот од страна на трите докторки специјалистки по Инфективни болести, Прим д-р Силвана Мишкова началник, Спец. д-р Снежана Бисинова Ефтимова и Прим. д-р Славица Трајкова. Изложбата на оваа тема не остави рамнодушен ниту еден од присутните, вчеравечер, во Ликовен салон во Велес. Културниот настан им даде можност на голем дел здравствени работници да споделат чувства и емоции кои се составен дел на битката што тие ја водат со невидливиот убиец и во истовреме да соопштат како се борат за секој човечки живот. Тоа со присутните го споделија главната сестра на Инфективно одделение Билјана Стојанова, д-р Страхил Тодоров и д-р Атанас Ѓоргиевски, специјалист кардиолог и волонтер на Инфективно одделение.
Присутните имаа можност да ги почуствуваат пораките од вкупно 76 изложени карикатури на Милман преку видувањето на Елица Николова историчар на уметност, кустос советник, Народен музеј Велес како и од страна на д-р Атанас Ѓоргиевски, специјалист кардиолог.
-Лекарите често се претставувани како ликови во скафандер и тоа се случува токму поради фактот да се избегнат антропологените лични хумани карактеристики за да се валидира активноста на севкупната фела. Но останатите хумани антропогени карактери се претставени дури често и со насмевка или збунет фацијален израз како антитежа на траорниот и агресивен лик на коронавирус партикулата. Тој баланс на сериозност и лакомство, на агресивност и смиреност на весел и траорен израз се прекрасен баланс кој мајсторски ја претставува и доловува кристално јасно пораката која сака да ја испрати Миле Манчевски – Милан преку овие изложени карикатури. Можам слободно да кажам дека Милман е достоен наследник на стилот на македонската карикатура воспоставен од Цицо Поповиќ. Тој јасно ја следи линијата и контрасната карикатуристичка експресивност која не двосмислено ја воведоа Козар и Секулич, рече д-р Ѓоргиевски.
Присутните, на отворањето на изложбата, вчеравечер, во Ликовен салон во Велес имаа можност да присуствуваат на несекојдневен настан којшто од една страна постигна цел и им ги прикажа здравствените работници во нивното вистинско светло а од друга страна предизвика силни емоции токму поттикнати од нивната хуманост и пожртвуваност.
Убавка Јаневска