Ако се родат уште 66 бебиња наталитетот во Велес ќе биде ист како минатата година
Се слуша бебешки плач на Одделението за Акушерство во велешка болница иако не толку многу често како пред неколку децении. Во изминатите 10 месеци и 18 дена, просечно, секој месец се породувале по 31 жена.. Тие станале мајки на вкупно 181 новородено машко бебе и на 166 живородени женски бебиња. Тоа значи дека во периодот за којшто Дума.мк пишува, во велешка болница вкупно заплакале 347 бебиња.
Според добиената статистиката од ЈЗУ Општа болница Велес доколку во преостанатите 41 денови се родат уште 66 бебиња тогаш градот, поточно Општина Велес, ќе го достигне вкупниот број на новороденчиња од 2020 година. Тогаш во болнички услови, на Одделението за Акушерство, се родиле и радост во домовите на велешани донеле вкупно 413 новороденчиња. Од нив побројни биле женските поточно 210 или тоа е седум повеќе од машките новороденчиња.
Специјалистите по Гинекологија и Акушерство за помалку од месец и половина први ќе ги соопштат бројките коишто ќе говорат за годишниот наталитет на Општина Велес . Можеби тој ќе биде поброен во споредба со почетокот на тековната година кога официјалните информации споредени со 2019 година зборуваа за 61 помалку родено бебе во болницата.
Но не треба да се занемари фактот дека не е така мал бројот на велешанки коишто се породуваат во болници надвор од градот или преферираат на свет да донесат рожба во приватни клиники во главниот град. Сепак за официјални ќе треба да се земат податоците што ќе ги соопшти службата за издавање на Извод од книгата на родени при подрачното одделение на Министерство за правда во Велес.
Убавка Јаневска