Демократски сојуз: Минимална плата од 300 евра и пензија 200 евра
Демократскиот сојуз го поддржува барањето на Сојузот на синдикатите на Македонија за зголемување на минималната плата на 18.000 денари и ја охрабрува Владата што побрзо да донесе измени на Законот за минимална плата.
-Потсетуваме дека уште во јануари 2016 година, пратеникот и претседател на Демократскиот Сојуз, Павле Трајанов, предложи измени на Законот за минимална плата во Република Македонија заради зголемување на минималната плата на 300 евра, но Собранието тогаш немаше разбирање за донесување вакви измени.За Демократскиот сојуз отсекогаш врвен приоритет е подобрувањето на стандардот на граѓаните, како основен предуслов за раздвижување на сите позитивни процеси во државата, посебно на економскиот развој и зголемувањето на продуктивноста. Ниските плати не ги мотивираат вработените, негативно влијаат на продуктивноста, иновациите, поради што и младите и креативни кадри заминуваат во странство, велат.
Оттаму потсетуваат дека потрошувачката кошничка за едно четиричлено семејство според пресметките на Сојузот на синдикатите е близу 35.000 денари или 570 евра, што е за 100 евра повеќе од просечната плата од 28.800 ден.
-Дополнително, врз стандардот на граѓаните влијание сигурно ќе има и енергетската криза поради која во јануари 2022 г. се очекува зголемување на цената на електричната енергија за домаќинствата.Очекуваме зголемувањето на минималната плата да ги поттикне компаниите кои остваруваат профити да ги зголемат и другите плати на вработените со што ќе се зголеми и просечната плата, а на тој начин ќе се подобри животниот стандард на граѓаните.Владата исто така, треба да ја разгледа можноста за буџетска поддршка на компаниите од текстилната и други индустриски гранки, кои поради објективни пазарни услови не се во можност да остваруваат приходи за да исплатат минимална плата, велат од ДС, додавајќи дека го поддржуваат и предлогот за прогласување на недела за неработен ден.