Лага е дека политичари и фармацевтски гиганти од „Фајзер“ се осудени на доживотен затвор
Не само што директорот на „Фајзер“, Алберт Бурла, не е осуден за никакви злосторства врз човештвото, туку и во времето на наводната пресуда која никогаш не се случила, всушност станува добитник на престижната „Генезис“ награда за неговите напори во развојот на ковид вакцината. Наградата е 1 милион долари и се дава секоја година на лице за неговите професионални достигнувања, придонеси кон човештвото и посветеност кон еврејските вредности
Рецензираме пост на Фејсбук во кој се изнесени низа невистини околу наводна судска одлука која никогаш не е донесена, освен во фиктивните и имагинарни наративи на авторите кои ја споделуваат оваа дезинформација.
Во постот се вели дека Меѓународниот суд на правдата на 16 јануари 2022 година донел пресуда со која се наводно осудени Алберт Бурла и Ема Волмсли, извршни директори на „Фајзер“. Меѓу осудените, според тврдењето во објавата, се и претседателот на Кина, папата Франциск и канадскиот премиер, Џастин Трудо.Судот осуди седумдесет и пет лица на доживотен затвор, им го конфискува имотот и ги растури нивните корпорации и законски го забрани натамошното производство, продажба или употреба на нивните вакцини против ковид како „производи на медицински геноцид и масовни убиства“. По четиримесечното судење свикано според меѓународното право, судиите на Меѓународниот суд на правдата (ICLCJ) денеска ја донесоа својата историска пресуда и казна, заедно со налози за апсење и експропријација на обвинетите, се вели во објавата што ја рецензираме.
Kако поткрепа за оваа невистина, се цитира ,,Канцеларијата за односи со јавност на судот”, дека наводно информирала дека овој случај вклучувал „монструозно, меѓугенерациско злосторство и негово масовно прикривање“.
Со години, врвни функционери на црквата, државата и корпорацијата лично санкционираа и профитираа од систематско мачење, трговија и убиства на деца во смртоносни експерименти за тестирање на дрога за да се произведе „вакцината“ ковид, како дел од криминалниот заговор за депопулација на човештвото и ропството. Заговор за убивање невини луѓе, трговија со оружје, дрога, деца и човечки органи и замолчување или уништување на оние кои ги разоткриле, се констатира во објавата.
Не само што директорот на „Фајзер“, Алберт Бурла, не е осуден за никакви злосторства врз човештвото, туку и во времето на наводната пресуда која никогаш не се случила, всушност станува добитник на престижната „Генезис“ награда за неговите напори во развојот на ковид вакцината. Наградата е 1 милион долари и се дава секоја година на лице за неговите професионални достигнувања, придонеси кон човештвото и посветеност кон еврејските вредности. Фондацијата на „Генезис“ наградата вели дека Бурла добил најголем број гласови во онлајн кампања во која учествувале 200 илјади луѓе од 71 држава. Наградата е за лидерство, одлучност и преземање големи ризици. Бурла е роден во Грција, син на родители кои го преживеале холокаустот и планира да ја донира наградата на проекти за зачувување на споменот од жртвите на холокаустот, особено во Грција. Родителите на Бурла се меѓу ретките преживеани од еврејската заедница во Солун која речиси беше збришана од нацистите во Втората Светска Војна.
Во соопштение за јавноста Бурла изјави дека ја прифаќа наградата понизно и во име на сите колеги од „Фајзер“ кои одговориле на ургентниот историски повик и дека Бог не повикува сите да го поправиме светот, рече тој.
Сите светски медиуми меѓу кои и Вашингтон пост, на 19 јануари 2022 година, објавија за оваа награда, за изјавата на Бурла, како и за тоа дека ќе ја донира. Спротивно на тоа, за лажното наводно судење и пресуда, нема ништо во ниту еден реномиран медиум.
Претседателот на Кина, пак, еден ден после наводната пресуда која никогаш не се случила, на 17 јануари 2022 година, бил присутен на состанок на комунистичката партија во Кина и за ова постојат фотографии. Тој зборувал за нулта толеранција на корупцијата и за начини на кои се планира да се засили партијата која е дел од раководните органи.
Папата Франциск пак, исто така си имал вообичаена средба во Ватикан со претставници на Босна и Херцеговина на 17 јануари 2022 година, а фотографиите од настанот можат да се видат на официјалната страница на Ватикан.
Канадскиот премиер Џастин Трудо на 17 јануари 2022 година, еден ден по наводната пресуда, излегол со вообичаено соопштение на неговата официјална веб страница.Такви соопштенија, како што може да се забележи на веб страницата, Трудо има секој ден, некогаш и по двапати, што е тешко за човек кој е наводно ,,со една нога во затвор” како што лажно се тврди во објавата што ја рецензираме.
Дополнително, доколку стануваше збор за луѓе кои се осудени, тие немаше да присуствуваат на јавни настани, да одржуваат дневни вообичаени агенди, а згора на тоа нивната наводна пресуда ќе беше на насловните страници на сите сериозни светски весници и ударна вест во сите вести во светот со оглед на тоа што се работи за лидери од целиот свет.
Наспроти лагата дека вакцините на „Фајзер“ престануваат да се употребуваат, тие насекаде во светот се употребуваат и на 16 јануари 2022 и после тоа, а Северна Македонија за 2022 година има направено и план да нарача дополнителни дози за имунизација на населението. Сите светски лидери паушално навеедени во рецензираниот пост, се слободни луѓе, а против нив не се водел никаков судски спор за злосторства. Измислица е и наводното соопштение на Меѓународниот суд на правдата. На веб страницата на Меѓународниот суд нема никакво соопштение за ваква пресуда од 16 јануари 2022 година.
Поради сите горенаведени фати оценуваме дека постот што го рецензираме е невистинит.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар