Невистина е дека само оние кои примиле вакцина страдаат од срцеви заболувања

Објавено на 6 април, 2022 во 09:16

Постојат ретки случаи на миокардитис (воспаление на срцевиот мускул) по вакцината Модерна и (уште поретко) по примена вакцина Фајзер. Случаите на миокардитис по вакцината обично биле благи, а заболените обично брзо се чувствувале подобро со одмор и со едноставни третмани, покажала студијата на британската Фондација за срцеви заболувања

Рецензираме пост на Фејсбук, во кој авторот меѓу другото тврди дека единствено вакцинираните против ковид-19 страдаат од срцеви заболувања и отежнато дишење. Ова е невистина.

Во објавата меѓудругото стои:

Никој не забележува дека само вакцинираните страдаат од срцеви заболувања и отежнато дишење, додека на нас невакцинираните не ни се случува буквално ништо, ама баш ништо. До вчера беше теорија на заговор, денес веќе се нормализираат таквите зачестени појави на болки во градите и повторно позитивни на некакви си тестови кои само тие, вакцинираните, си ги користат. Тоа е затоа што луѓето имаат ептен кратка меморија. Многу бргу забораваат на сите лаги што им ги кажуваат нивните омилени политичари и доктори на ТЕЛЕвизија, затоа што веќе наредниот ден има нови лаги на репертоарот и така секој ден.

Наспроти тврдењето во објавата, научните анализи со факти и со докази покажуваат дека вакцините се безбедни и ефикасни и што е најважно, штитат од смртен исход од ковид-19. Иако секоја вакцина има различна ефикасност, сепак тие пружаат заштита од развој на тешка форма на болеста и/или  смртен исход.

Наспроти тврдењата на авторот за зачестени срцеви заболувања кај вакцинираните лица, научната фела тврди дека има ретки случаи на миокардитис.

Имено, постојат ретки случаи на миокардитис (воспаление на срцевиот мускул) по вакцината Moderna и (уште поретко) по примена вакцина Pfizer. Случаите на миокардитис по вакцината обично биле благи, а заболените обично брзо се чувствувале подобро со одмор и со едноставни третмани, покажала студијата на Британската фондација за срцеви заболувања.

Во повеќето случаи на миокардитис, работата на срцето се враќа во нормала. Бидејќи миокардитисот поврзан со вакцината е неодамнешен и редок проблем, постои неизвесност за неговите долгорочни здравствени ризици. Заразувањето со ковид-19 може да доведе до миокардитис. Истражувачите, вклучително и истражувачите поддржани од BHF, работат да откријат повеќе за тоа дали миокардитисот предизвикан од ковид-19, како и ретките случаи на миокардитис поврзани со вакцината, можат да предизвикаат трајни лузни на срцевиот мускул. Заразата со ковид-19 сама по себе може да доведе до миокардитис, како и до други форми на тешка болест. Иако ковид-19 е често благ или без симптоми кај младите луѓе, има случаи на сериозни болести, вклучително и кај млади луѓе без претходни здравствени состојби, пишуваат од BHF (Британската фондација за срцеви заболувања).

Поради овие истражувања, а со оглед на тоа тоа што миокардитисот е многу редок несакан ефект, регулаторите за лекови и другите здравствени власти во Обединетото Кралство, Европа и Соединетите Американски Држави препорачуваат да се прими вакцината против ковид-19.

На 1 јули 2021 година, „Харвард Хелх Медикал“ објави дека повеќето, ретки случаи на миокардитис, по вакцинацијата против ковид-19 биле благи.

Во моментов, околу 1.000 случаи на миокардитис и перикардитис се пријавени по вакцинацијата против ковид-19 со една од вакцините mRNA, Pfizer/BioNTech или Moderna. Случаите се најчести кај машките адолесценти и млади возрасни лица, а најчесто се јавуваат по втората доза и обично во рок од неколку дена од примањето на вакцината. Поголемиот дел од случаите биле благи. Експертите сè уште собираат информации, но до моментот на пишување, 79% од тинејџерите и младите кои го доживеале ова се опоравиле, пишува „Харвард Хелх Медикал“.

Од Центарот за контрола и превенција на болести на САД ЦДЦ велат дека случаите на миокардитис по примањето на вакцината против ковид-19 се многу ретки. ЦДЦ известува дека „миокардитис и перикардитис се ретко пријавени, особено кај адолесценти и млади возрасни мажи, во рок од неколку дена по вакцинацијата против ковид-19“.

Повеќето пациенти со миокардитис или перикардитис кои добиле нега добро реагирале на лековите и на одморот и за брзо време се чувствувале подобро. Пациентите обично можат да се вратат на нивните вообичаени дневни активности откако ќе се подобрат нивните симптоми.

Научни студии покажуваат дека симптомите на миокардитис обично брзо се решаваат без никакви последици.

На темата нема докази дека вакцините против ковид-19 предизвикуваат срцеви заболувања, пишуваат и фактчекерите на Ројтерс.

Наспроти тврдењата на авторот на објавата што ја рецензираме, статистичките податоци покажуваат дека вакцините се безбедни, а здравствени проблеми имаат токму невакцинираните. Најголем број од хоспитализираните и заболените биле невакцинирани лица.

Најголемиот број лица кои се хоспитализирани или умираат поради ковид-19 се невакцинирани или нецелосно вакцинирани – за овие лица ковид-19 останува болест опасна по живот. Зошто да го ризикувате својот живот, кога се потребни само неколку минути за да го спасите? Вакцинирајте се, кога караванот ќе дојде во вашата заедница!, рече д-р Ане Јохансен, специјален претставник на СЗО Европа за Северна Македонија и шефица на Канцеларијата на СЗО во Скопје.

Секојдневните статистички податоци на Министерството за здравство покажуваат поголема смртност меѓу невакцинираното население, а особен фактор на контрибуција за смртноста е факторот на придружните, хронични болести.

Министерството за здравство информира дека за време на четвртиот ковид бран, во периодот од јули до крајот на август 2021 година, епидемиолошките анализи покажале дека најголема смртност кај пациенти со ковид имало во градовите каде имало најнизок процент на вакцинирано население.

Време е да ги отфрлиме сите заблуди во врска со вакцините и да се придвижиме кон фактите и кон реалните докази, кои всушност ни покажуваат колку тие се значајни и ефикасни. Целта е да го победиме вирусот, а тоа ќе го направиме само со масовна имунизација на целокупното население. Само на овој начин можеме повторно слободно да живееме, без ограничувања и без рестрикции, пишува на веб-страницата на Министерството.

Во ниту еден случај не е точно, ниту статистички потврдено, дека смртноста кај вакцинираните лица се зголемила, ниту пак дека вакцините се предизвикувач на срцеви заболувања, како што невистинито се тврди во постот што го рецензираме. Смртноста од ковид-19 по вакцинирањето не е последица на вакцините, туку на болеста ковид-19 и неговите соеви, како и на хроничните заболувања на граѓаните.

Европската комисија на 26 ноември 2021 година објави дека поголемата стапка на вакцинација значи помала стапка на смртност и ова го темелеше врз податоците од Европскиот центар за превенција и контрола на болести, кој го покажува односот на вакцинирани и смртни случаи во земјите од Европската Унија.

Поврзаност меѓу некои случаи на воспаленија на срцевиот мускул кај млади мажи и вакцината, според Министерството за здравство на Израел, не е докажана.

Центарот за контрола и превенција на болести на САД (ЦДЦ) ја проучуваше врската меѓу вакцините и миокардитисот, но засега не се најдени докази за поврзаност, па и натаму се препорачува вакцинација и кај млади и деца.

ЦДЦ продолжува да препорачува сите на возраст од 5 години и постари да се вакцинираат за ковид-19. Познатите ризици од болеста ковид-19 и нејзините поврзани, можеби тешки компликации, како што се долгорочни здравствени проблеми, хоспитализација, па дури и смрт, ги надминуваат потенцијалните ризици од ретка несакана реакција на вакцинацијата, вклучително и можниот ризик од миокардитис или перикардитис, велат од ЦДЦ.

Авторот на постот изнесува невистини и во делот во кој тврди дека вакцинираните лица на тестовите се позитивни на коронавирусот.

Преку вакцината не можете да се заразите со ковид-19. Вакцината не содржи никаков жив или активен дел од вирусот и таа нема да предизвика позитивен тест, со кој се тестира активна инфекција со ковид-19. Некои луѓе, кои примиле вакцина, пријавиле лесни до умерени несакани ефекти, вклучувајќи болка на местото на инјектирање, замор, главоболка и болка во мускулите. Не секој добива несакани ефекти. Но, ако добие, тие се нормални и претставуваат знак дека вашето тело ја гради својата одбрана од вирусот.

Впрочем и во сите анализи кои Министерството за здравство ги сподели во јавноста покажуваа дека поголем дел од граѓаните позитивни на ковид-19 биле невакцинирани лица.

Осумдесет проценти од новите случаи и 84 проценти од хоспитализираните со ковид-19 се невакцинирани. Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема, покажува анализата. Во период од пет седмици на територија на државата починале 678 лица со ковид-19, 591 пациент (87%) од починатите не биле вакцинирани, а само 87 (12%) примиле вакцина. Според анализите починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања, објави Министерството за здравство во септември 2021 година.

Освен ова, авторот во својот пост го споменува и терминот „пландемија“, добро позната терорија на заговор, дезинформација за која „Вистиномер“ веќе пишуваше.

Поради сето погоренаведено, оценуваме дека објавата што ја рецензираме е невистинита. 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.