Претставници на граѓаните од левата страна на градот на средба со службениците во СВР Велес
Секторот за внатрешни работи Велес денеска информира дека се одржа средба со граѓани на Велес, жители од територијата на левиот брег од реката Вардар, каде последниот период имаше зачестени кражби, тешки кражби и разбојништва. Од таму преку соопштение за јавност информираат дека полициските службеници ги сослушале незадоволните граѓани и ги информирале за превземените мерки за расчистување на настаните поврзани со истите и превземените превентивни мерки во тој дел од градот.
„На состанокот беа презентирани досегашните резултати и поднесени кривични пријави од страна на полицијата до Јавно обвинителство Велес, при што им беше кажано дека две лица, осомничени за тешки кражби, од денес веќе се наоѓаат во притвор и за истите се процесуирани неколку кривични пријави за извршени тешки кражби. Со цел брзо, ефикасно и навремено реагирање на полиција и фаќање на сторители на кривични дела од областа на имотни деликти на средбата беше потенцирано значењето од навремено и брзо информирање на полицијата од страна на граѓаните и меѓусебната комуникација, за што иницијативниот одбор одреди лице за координација и пренесување на информации за можни сторители на кривични дела во однос на тешките кражби во куќи и особено во напуштените куќи во тој дел од градот. Граѓаните побараа да продолжи веќе постоечкото засилено присуство на полиција во нивните населби и истовремено се заблагодарија на досегашната активност и соработка со полицијата и намалениот интензитет на кражби во последните денови што резултира со веќе неколку расчистени случаи и откривањето на сторителите“, пишува во соопштението за јавност.
Исто така, СВР Велес го пренела уште еднаш својот став дека е одлучен во намерата за целосно расчистување на сите случаи и дека против сторителите ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.
Убавка Јаневска