Пендаровски: Започнуваме нова фаза за политичка интеграција, да станеме дел од европското семејство на нации
Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски на македонскиот народ му го чесита официјалниот почеток на преговорите за полноправно членство во ЕУ. Во соопштението тој вели дека и покрај предизвиците со кои се соочувавме низ годините, граѓаните ја одржаа поддршката за исполнувањето на нашата европска агенда.
-Започнуваме нова фаза за политичка интеграција, да станеме дел од европското семејство на нации, каде македонскиот јазик ќе биде еден од службените јазици на Унијата, вели тој.
Тој додава дека нѐ чека „напорна работа, вложување на целокупните општествени и институционални капацитети за понатамошните фази на процесот на преговори“.
-Благодарност до сите кои низ годините беа дел од институциите кои работеа на пристапувањето кон Европската Унија и максимално се вложуваа за успешна евроинтеграција, се вели во соопштението од неговиот кабинет.
Тој повика да „овозможиме европските вредности на слобода, демократија, правда, различност и просперитет да завладеат и кај нас дома, во нашата заедничка татковина“.